Во Музејот на Кратово денеска и утре ќе бидат прикажани петнаесетина етнолошки филмови од целиот свет. Македонското етнолошко друштво ќе биде домаќин на автори од Кина, Швајцарија, Франција, Чешка, Италија..., но и од соседните држави, Србија и Бугарија кои на македонската јавност ќе и претстават дел од својата култура и традиција.
Така, низ филмот "Убавицата на вечерта" ќе можат да се видат карневалските традиции на селото Доња Бебрина и Рушчица сместени во срцето на Славонија. Во филмот "Нашиот двор" авторите од Кина не запознаваат со еден временски период и начин на живот во тогашната Кина, токму преку прадедовскиот двор и живот со најблиската родбина. Низ филмовите ќе биде прикажан и животот на шаманите во Амазонија, свадбите од селата на западните Родопи, како и за животот во Малата земја Валстања, на Венецијанските Предалпи... Обредите, жетвата и карневалите во неколкуте земји се исто така дел од интересните моменти кои ќе можат да се проследат.
Македонските автори кои сепак се и најбројни ќе му покажат на светот дел од културното наследство на Охрид, за дел од нашинците кои во 19 век заминале за Истанбул, за Велигден во селото Костурино, Струмичко и за култниот извор Самовилската вода во Кумановско... И секојдневниот живот на Широкиот сокак во Битола беше инспирација за македонските етнолози, кои на платно го пренесоа и "Патот на надежта" на ергените од селото Длабочица, на возраст од 30 до 50 години...