gogo

A+ R A-


Документарен филм за гемиџијата Павел Шатев (ВИДЕО)


Кино Око во копродукција со МТВ
Павел Шатев (Кратово, 15 јуни 1882 (нов стил) - Битола, 30 јануари 1951) бил македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство. Бил член и на Масонската ложа.
Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.
Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир". Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени. Учесник во создавањето на современата македонска држава
altПо капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година. Судир со новите македонски комунистички власти
Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји..."
На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата" и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.
Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.