13.000 евра за Симиќева кула во Кратово
пишува - Оливер Арсовски
Музејот на град Кратово успеа да обезбеди нова донација во висина од 13.000 евра за санација и конзервација на Симиќева кула. Како донатор се јавува германската амбасада, а работните активности се очекува да започнат наскоро.
- Конечно Симиќева кула после толку време ќе светне во полн сјај. Откако пред една година Министерството за култура одвои 500.000 денари за промена на кровната конструкција која прокиснуваше, сега германската амбасада со 13.000 евра ќе помогне овој споменик на културата да го добие својот финален изглед. Овие средства се наменети за промена на столаријата, декорирање на ентериерот и хортикултурно уредување на просторот околу кулата. Веќе е определена и намената на трите простории во објектот. Во приземјето ќе биде сместена сувенирница, на првиот кат ќе биде изложбата за Карпошовото востание, а на вториот постановката "Отпретани сведоштва" составена од писма и поштенски картички од Првата светска војна на војници од кратовско-злетовскиот крај - вели Драган Георгиевски, директор на кратовскиот Музеј.