gogo

A+ R A-


Форнички јазик - таен јазик на шлеговските мајстори

Кратовскиот дијалект е дел од северната група македонски говори и се карактеризира со своја специфична структура на јазикот. Богатата културна традиција на нашиот крај предизвикала интерес кај проучувачите на кратовскиот говор.

altВо минатото била карактеристична појавата на таjни јазици кај одделни занаети или занимања. Таков јазик имале ѕидарите од кратовското село Шлегово коишто работеле во групи (тајфи) и имале потреба да не ги разберат работодавците при нивните разговори и договарања. Овој таен јазик е познат како шлеговски форнички јазик. На овој јазик зборот форник означува мајстор. Ѕидарите кога оделе на печалба се среќавале и со други луѓе, поради што во форничкиот говор навлегле елементи од други јазици: албански, турски, влашки, грчки и ромски. На пример: албански: љуга (alb. lugë = лажица), шуместо (alb. Shumë = големи), дивам (alb. di = знам); турски: битка (tur. bit = вошка), кедан (tur. kedi = мачка); влашки: лингура (ar. lingură = лажица), мамаљуга (ar. mamulic = качамак); грчки: опшикују (gr. apikazo = разбирам), гргутка (gr. geron = стара жена); ромски: шукар (sukar = убав); манка (manukh = жена).

Зборовите во тајните јазици се оформуваат на тој начин што се зема некоја особеност или белег на даден предмет и на тој начин станува негово име. На пример: блакша (шеќер); жежлив = оган; врекана (коза), блејана (овца), рикана (крава), свадбич (свадба), пазарич (пазар), касабич (град), маслен (маст), солен (сол), пливка (риба), чоче (дете).

Пример за реченици: К’д ќе гурамо на фора? (Кога ќе одиме на работа?); Манчо бара форници. (Човекот бара работници.); Што форет влајчињата и мановките у селичо? (Што прават момчињата и девојчињата во селото?); Евремо не е апсик за форење. (Времето не е добро за работа); Рајко изгура. (Сонцето изгреа); Апсика ли е мановката? (Убава ли е девојката?); Имам си апсико шантре. (Имам убаво вино); Коуку лазарици имаш? (Колку години имаш?).

За овој говор е карактеристично тоа што говорителите почнале да го употребуваат во секојдневната комуникација во целото село и сите селани повеќе или помалку ја познавале неговата специфицна изразност и форма. Денес постарите жители во определени ситуации кога разговараат меѓу себе, со пријателите, но и со другите зборувачи што не се родени во ова село, се истакнуваат со своето јазично знаење и умеење и на тој начин постигнуваат поголема изразност, сликовитост и специфичност на својот јазичен израз. Во поново време овој говор служи за мајтап со оние коишто не го разбираат. Жителите од с. Шлегово, но и во градот Кратово, зборовите од шлеговскиот форнички јазик ги употребуваат за забава и се горди на својата посебност. Значи, оваа јазична реалност постои и се чува, но не во онаа мера со која се употребувала во минатото и се употребува како специфична обележана јазична форма на разговорниот стил.       автор - проф. Лидија Ташева

Коментари

jas se vikam saso misev od kocani po rod slegovec od sojot na smbarci.Vo seesetite godini ima izdadeno kniga za furnickiot dijalekt no taa kniga ne mozev da ja najdm do sega.Tatko mi go zborese toj dijalekt i jas sakam da go naucam no nemam literatura nitu koj da me nauce.Dokolku imate bilo kakvi podatoci ve molam da mi gi pratete ke vi bidam blagodaren.

0 saso 2014-01-08 18:33 #1

Цитат

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.