gogo

A+ R A-


Гемиџијата Шатев куртули од Турци и Бугари, го сотре домашна предавничка рака

altПавел Шатев, легендарниот гемиџија, македонскиот национален деец, државник во првата македонска влада, единствена политичка личност со три полициски досиеја – бугарско, руско и македонско, почина осамен, напуштен и разочаран од новата македонска комунистичка власт.

Тоа што не го сторија турските „едикулиња“ и „фејзани“ и бугарските участоци и логори, го сторија македонските власти со интернирањето во сопствената татковина, на која ѝ го посвети целиот свој револуционерен живот.

Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Како публицист на поголем број трудови  и автор на повеќе необјавени ракописи за историското минато на македонскиот народ, тој се легитимира како прв македонски научен историограф.

Револуционерната дејност на Павел Шатев е интегрално вткаена во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење како непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато. Неговата револуционерна дејност, главно, може да се подели на три периоди.

Анархистички период

altОвој период од неговата најрана револуционерна дејност започнува од неговото школување во гимназијата во Скопје, каде се запознава  со револуционерното движење од страна на истакнатите дејци на македонската револуционерна организација, Христо Матов и Пере Тошев. Школувањето го продолжил во гимназијата во Солун и во 1899 година станал член на Македонската револуционерна организација и член на револуционерно-терористичкиот кружок на младите ученици  од Велес, наречени гемиџии. Во 1902 година учествувал во копањето канал за минирање на Отоманската банка во Цариград, а во 1903 година во солунските атентати, извршил диверзија на францускиот патнички брод „Гвадалкивир“, за што бил осуден на доживотна робија и испратен во затворот во градот Мурзук, во областа Фезан, Либија. По Младотурската револуција во 1908 година Шатев бил амнестиран и во Софија завршил правни науки, а во 1912 година и докторски студии во Брисел.

Национално-федералистички период

 

Во овој втор период од револуционерната дејност на Павел Шатев по Првата светска војна, тој се јавува како политички активист во редовите на македонска емиграција во Бугарија. Како левоориентиран македонски национален деец, тој се приклучил кон Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО), прифаќајќи ја политичката платформа на оваа легална македонска организација за решавање на македонското прашање: „Создавање на Македонија во нејзините географски и економски граници во самостојна политичка единица како етапа за остварување на балканска федерација“. Како искусен револуционер и авторитетна личност во македонските емигрантски средини во Бугарија, Шатев ќе биде избран за претседател на Основачкиот конгрес на МЕФО, одржан на 4 декември 1921 година во Софија, и за претседател на Комисијата за „обединување“, односно за помирување и постигнување договор со Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија.

Од средината на 1922 година Павел Шатев ќе стапи во контакт со претставниците на Советскиот Сојуз и со Коминтерната и со нив ќе го поврзе и водачот и член на ЦК на автономистичката ВМРО, Тодор Александров. Станувајќи нивен платен соработник и разузнавач, Шатев ќе учествува во подготовката и преговорите за потпишување на Мајскиот манифест во Виена во 1924 година. Во ноември 1924 година тој емигрирал во Турција, а во јули 1925 година во Виена.

altПонатамошната своја револуционерна дејност тој ќе ја продолжи во раководните редови на ВМРО (Обединета), учествувајќи во основањето на ВМРО (Обединета), каде бил избран за заменик-член на ЦК и член на редакцијата и соработник во органот на ВМРО (Обединета), весникот „Македонско дело“ (1925-1933). Во редовите на новата македонска левоориентирана организација, Шатев ќе ја афирмира и пропагира македонската национална индивидуалност и државна и политичка физиономија.

Во април 1928 година Павел Шатев активно учествувал во одржувањето на Првата општа конференција на ВМРО (Обединета) во Берлин, во јули 1928 година. Застапувајќи ја национал-револуционерната струја на организацијата, тој се конфронтирал со Димитар Влахов околу политичката платформа на организацијата, застапувајќи ги ставовите за непартиска, националноослободителна организација, независна од Коминтерната и од Бугарската работничка партија (БРП). Во 1929 година во Цариград, Шатев заедно со Михаил Герџиков и Георги Занков ја организирале Цариградска конференција на членовите на национал-федералистичката струја на ВМРО (Об), која се застапувала за самостојност на Организацијата и отфрлање на комунистичкото „туторство“ на Коминтерната.

Во јуни 1931 година Павел Шатев се вратил во Софија и до почетокот на Втората светска војна ќе се придружи кон антифашистичкиот сили, пројавувајќи се како голем патриот и антифашистички борец. Притоа, тој постојано ќе биде следен, приведуван и сослушуван од полицијата, ставајќи го својот живот повторно на големи искушенија во бугарските затвори и логори.

Пред почетокот на војната, Павел Шатев е потписник на два апела – меморандуми за решавање на македонското прашање. Првиот, на 1 ноември 1938 година заедно со Туше Делииванов и Божин Проданов на апелот „Известување од македонската општественост до светската општествена јавност“, во кој се барало: „ставање крај на крајно неподносливата асимилаторска политика во Македонија; признавање правата на Македонците да се третираат за самостојна народносна единица; право и слобода на македонскиот народ легално да се пројават и да се воспитуваат во духот на традициите на својата полувековна борба; обласно самоопределување на одделните делови на Македонија; и целосна амнестија на сите Македонци – политички затвореници“. Вториот, во летото на 1940 година задно со д-р Тодор Павлов и Петар Шанданов на Меморандумот до Президиумот на Врховниот совет на  СССР, во кој, во името на „Општиот македонски народен сојуз“, барале  Советскиот Сојуз да се заложи за „решавање на македонското прашање“, врз основа на принципите со кои било решено националното прашање во Советскиот Сојуз, како и „признавање на правото на Македонците да се третираат како самостојна народносна единица“.

Во Софија Павел Шатев продолжил да соработува со претставниците на амбасадата на Советскиот Сојуз како професионален разузнавач, со своја радиостаница, но не како комунист и „партиен“, туку, како што тој самиот им изјавил, како „македонски национален револуционер, антифашист и демократ“. Во јуни 1941 година го предвидел нападот на Германија над Советскиот Сојуз и за ова ја известил Москва со телеграма.

На 10 октомври 1941 година Шатев бил уапсен од полициските власти во Софија под обвинение дека „работел во минатото за создавање на македонска комунистичка организација“ и дека бил „во конспративна врска со чиновници од советската амбасада, од која што добивал инструкции за организирање и обединување на македонските-Бугарикомунисти  од новоослободените земји“. Во ноември истата година бил испратен во логорот Крстополе, кај Ксанти, а потоа во логорот „Гонда вода“ кај Асеновград. Во јули 1942 година бил осуден на 15 години затвор, и покрај одбраната дека „со класна работа“ не се занимавал и дека работел „по македонска линија“. Бил затворен во затворот во Хасково, а подоцна во Ќустендил.

Комунистичкиот период

 

Во овој трет и последен период од револуционерната дејност на Павел Шатев, тој се јавува како македонски политичар и државник, вклучувајќи се во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ.

По капитулацијата на Бугарија, Павел Шатев во септември 1944 година, заедно со уште 29 македонски револуционери и општественици, припадници на сите струи во македонското револуционерно движење (ВМРО, ВМРО-Протогеровистичка, ВМРО-Обединета и на БКП), се јавува како прв потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“, за поддршка на македонската борба за слобода и за создавање на македонска држава. Апелот имал цел да ги запознае Македонците во Бугарија дека во Македонија се создаде АСНОМ, кој се застапува за „целосно самоопределување на altмакедонскиот народ“, дека во Македонија е востановена револуционерна народно ослободителна власт. Во Апелот било подвлечено дека Македонците во Бугарија имаат „долг“ да притекнат „во поддршка на Народноослободителната револуционерна борба, внатре во самата Македонија“, во актуелниот миг „кога македонскиот народ со оружје во рака се бори за својата слобода и самоопределување“. Доаѓајќи со бригадата „Гоце Делчев“ во ослободена Македонија, Павел Шатев во октомври 1944 година бил кооптиран за член на АСНОМ, а во јануари 1945 година за член на Президиумот на АСНОМ. Шатев бил иницијатор „материјалите и историските документи што се однесуваат на историјата на македонскиот народ“ што се чувале во Македонскиот научен институт во Софија, истиот да ги префрли во Скопје, во „столицата на Федерална Народна Република Македонија“.

Во април 1945 година Павел Шатев бил избран за член на првата влада на Федерална Македонија и за министер на правосудството. Во мај 1946 година бил избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ и за сојузен пратеник во Уставотворното собрание. Во 1948 година бил сменет од политичките функции и поставен за советник, а на крајот на истата година пензиониран.

На 16 јуни 1949 година Павел Шатев бил уапсен како сојузен пратеник во Загреб и 11 месеци бил држен во истражен затвор во Скопје. Бил  обвинет од раководството на македонската политичка и партиска власт како „потенцијален непријател“ за соработката со Советскиот Сојуз и за контактите што ги имал со бугарската амбасада во Белград. По престојот во истражниот затвор во Скопје, Шатев бил интерниран во Битола и сместен во зградата на поранешниот италијански конзулат, во руиниран објект, без струја и прозорци и нередовна храна. Во такви неподносливи услови за живеење, се разболел и умрел во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година.

Бил погребан на гробиштата кај црквата Св. Недела во Битола, во  организација на Службата за државна безбедност, во присуство на неговата сопруга, која дошла од Загреб, и неколкумина негови пријатели.

(Од предговорот на Зоран Тодоровски на книгата „Борис Сарафов (биографија)“ на Павел Шатев во издание на  Државниот архив на Македонија и на Македоника литера. Книгата ќе излезе од печат на 30 јануари)

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.