На само неколку месеци пред почетокот на градежните активности за санација и ревитализација на познатата Златкова кула во Кратово, порталот „Аберџија“ истражуваше кој бил Ѓорѓи Златков, сопственикот на кулата, познат меѓу старите кратовци како Брадуљка. Приказната ни ја раскажа Стевче Доневски, кој порано ја слушнал од стариот кратовец Тоде Ефремов – Ш'нте.
Во стариот дел на градот, во познатото Рибарско маало живееле тројца браќа – Александар, Спиро и Ѓорѓи, угледни и имотни граѓани на Кратово. Александар се школувал во Виена, Спиро во Софија, а Ѓорѓи завршил гимназија во Солун. Ѓорѓи Златков бил роден во 1873 година во Кратово, а еден период бил претседател на Општина Кратово во времето на Кралство Југославија.
Во 1911 година се случил интересен момент, кога и последните кратовски Евреи одлучиле да се отселат од Кратово. Богатиот Евреин Арон, чија куќа и денес постои зад Собранието, го повикал Ѓорѓи да му помогне како безбедно да замине до Софија, а во замена му ги открил тајните на лихварскиот занает. Арон му оставил и една торба да ја чува со аманет дека кога-тогаш неговите синови или внуци ќе се вратат да ја земат. Ѓорѓи не ја отворил, ја залил со восок, ја ставил во буре, а во бурето засадил лимон за никој да не се сомнева.
Минувале години, Ѓорѓи активно се занимавал со лихварство и за кусо време станал многу богат, купил куќа (денешен Катастар), неколку дуќани во чаршијата (Лотарија, Ловечко друштво...). Ја купил и средновековната кула од Асан ефенди, според преданието со една тепсија петолирки. Но, по завршувањето на Втората светска војна и воспоставување на комунистичка власт во земјава, за него дошле лоши времиња. Власта се намерачила на неговото богатство и одлучила да му го заплени. Ѓорѓи ја насетил работата, па успеал да го сокрие златото на неколку скришни места. Еден ден припадниците на разузнавачките служби тропнале и на неговата врата и го пронашле згрчен над ковчег и го одвеле на судење.
Полицаецот кој го чувал во станица една ноќ му рекол да го открие местото каде ги чува златниците, со изговор дека ќе има и за него, и за Ѓорѓи и за државата доколку открие. Ѓорѓи му кажал дека златниците се зад вратата под еден мермерен дибек. Безбедносните служби веднаш ги пронашле парите, во ќесе во кое имало 147 златни „наполеонки“. Веднаш по тоа, во 1946 година е изведен пред суд и осуден за воено профитерство и му е одземен целиот имот.
Од раскош и богат живот, Ѓорѓи Златков продолжил да живее во крајна сиромаштија. Секој ден чекал во ред пред Црвен крст за парче леб и канче млеко. Во меѓувреме се засакал со преубавата и богата кратовчанка Евгенија Бидикова, но нејзините родители ја омажиле во Софија за офицер. По смртта на сопругот, Евгенија се враќа во Кратово и се мажи за Ѓорѓи Брадуљка. Имале среќен брак со многу љубов, со многу пари, но немале пород. Толку многу сакале деца, што во една пригода кога малите кратовски коледарчиња чекале ред да влезат во куќата на Златкови, Евгенија се нажалила што нема деца, па му подарила златна петолирка на едно од дечињата.
Ѓорѓи Златков – Брадуљка починал на 27 декември 1963 година.