Во холот на средното училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово, се одржа традиционалнот новогодишен базар. Оваа активност на учениците е во рамки на проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“, кој има за цел зајакнување на врската родител-ученик-наставник.
Проектот предвидува постигнување на целта преку заеднички активности во училиштето, односно преку организирање спортски, културни, забавни и едукативни активности во кои ќе учествуваат родителите, учениците и наставниците.
-Родителите, наставниците и учениците изработуваа сувенири, кои беа изложени во училишниот хол и истите беа продавани. На тој начин учениците ја развиваат својата креативност и стекнуваат дополнителни вештини во образовниот процес. Паричните средства од продадените сувенири ќе се искористат за хуманитарни цели - ни рекоа учениците во СОУ „Митко Пенџуклиски“.
Во исто време, учениците започнаа хуманитарна акција за собирање парични средства за ученикот Давид Стојановски, кому му се потребни средства за операција.