gogo

A+ R A-


Интервју со епископот лешочки Јосиф

Во периодот што ни претстои, треба, пред сѐ, духовно да се подготвуваме за изборот на надлежен митрополит на полошко-кумановската епархија. Како црковни лица и како верници не смееме да се впуштаме во активности што ќе наликуваат на кампања за избор на лидер или создавање некаква нова група. Со овие зборови епископот Јосиф, кој во 2012 година беше избран за викарен епископ на полошко-кумановската епархија на сега починатиот г. Кирил, ја опишува актуелната состојба во Македонската православна црква-охридска архиепископија (МПЦ-ОА), како и нејзината борба за признавање во останатите православни цркви.

- Ќе потсетам на аманетот на упокоениот митрополит Кирил дека никогаш не треба да си поигруваме со црквата, ниту со збор ниту со помисла, зашто таа е душата на нашиот народ - вели епископот Јосиф.

Минатата година со вашето прогласување за епископ се заокружи приемот на нови владици. Дали сметате дека ќе можете да внесете нов дух на размислување во Синодот на МПЦ?
- Искрено кажано сметам дека не треба нов дух, туку треба вистински дух. Дух на љубов и разбирање, толерантност и практичност, единство и сочувство. Тоа е она што ќе ни ги отвори очите да видиме дека духовното единство бара посебен напор на духовните сили. Зашто соборното општење со браќата архиереи и со нашиот народ е служење за единство на црквата. Денес духовниот живот во црквата не смее да биде само лична состојба на умовите и срцата на поединци туку сите заедно треба да имаме еден ум, а тоа е умот Христов. Само тогаш ќе можеме да застанеме на браникот на идеалите кои треба да го изразуваат нашето искрено верско чувство. Поинаку не можеме да браниме ни идеали ниту, пак, ќе размислуваме за некакви вредности кои значат нешто за црквата, само себеси ќе се промовираме на штета на црквата и за поделба на народот.


И оваа година остана отворено прашањето за признавање на МПЦ-ОА од останатите православни цркви. Дали сметате дека треба да се продолжи дијалогот со СПЦ, како и да се интезивира комуникацијата со другите православни цркви?
- Состојбата со признавањето на статусот на МПЦ-ОА не е само наш проблем. Тоа лежи на совеста на сите помесни православни цркви. Во последно време сѐ повеќе постојат поединци кои ја разбираат состојбата во која се наоѓаме не по наша вина, и се надевам дека многу набрзо работите ќе се придвижат. За дијалогот со СПЦ, искрено, не гледам за што би разговарале надвор од она што досега нашите комисии им го презентирале, но секако не е лошо да се видиме и да разговараме. За некакви отстапки заради некакви уцени сигурно дека не може да станува збор, тоа прашање е затворено одамна. Единствено треба да се разговара со љубов, зашто имаме една цел. А комуникацијата со останатите православни цркви е интензивна и сите ја знаат нашата состојба и го разбираат проблемот што ни се наметнува.alt

Владиката Кирил беше еден од потписниците на автокефалноста на МПЦ-ОА. Токму поради тоа му беше најтешко да се премисли за некакви отстапки со СПЦ. Како ќе се одвиваат сега настаните во врска по признавањето на нашата црква?
- Никој и никогаш од нас, од тие пред нас и од тие по нас не размислува, не размислувал и нема да размислува дека некои однадвор треба да нѐ учат како треба да се прекрстиме, или како свеќа да запалиме, или како да заплачеме пред бога. Овој народ уште од апостолско време научил како се живее христијански и како се умира христијански. Во далечната 1967 година, со целосното возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква се потврди решеноста дека православното исповедување на верата е исклучиво наша лична определба, определба на секој Македонец и дека никој однадвор не може, не треба и нема да ни кажува како и во што треба да веруваме. Темата за статусот на МПЦ, во семејството на останатите помесни православни цркви за нас оттогаш е затворена. Единствено што останува е нашите браќа по вера што поскоро да ја прифатат таа реалност, а кога-тогаш и тоа ќе се случи. Нам трпението не треба да нѐ напушта, зашто од тоа не ни зависи спасението. Само ќе го повторам тоа што го кажав кога се простувавме со митрополитот Кирил, дека стоиме цврсто, стоиме спокојни и смирени и сме со сигурен поглед во иднината што постепено се претопува во вечноста.

Дали последните случувања во јавноста со протестите против рушење на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје е резултат на биполарност во Синодот на МПЦ-ОА?
- Жални и болни се овие состојби. Тие ни се случуваат затоа што некои не можат да ја разберат улогата на црквата во современиот свет, а и воопшто Таа треба да обединува, да биде сведок за една поинаква реалност, дека овде на земјата не е нашата цел. Тоа нашиот народ добро го знае. Тој отсекогаш се потпирал на црквата и сигурен сум дека така ќе биде и понатаму. Единствено што е потребно е ние од црквата да се потпреме на верата и на црковната свест, зашто како што реков, тоа отсекогаш било главна потпора на нашиот народ. Само така ќе го зачуваме единството што ни е најпотребно. Со протестите кои започнаа заради најавата дека ќе се преиспитува легалноста на одобренијата за градба на црквата „Свети Константин и Елена“, бевме сведоци за тоа дека народот беше поделен на верници и на оние кои не си ја знаат верата. Тоа не е став на црквата, а ставови на поединци не коментирам никогаш, дури и не размислувам за нив кога гледам каква позадина имаат. Но класифицирањето на народот според тоа колку ја познаваат верата е многу опасно, зашто е мерено со човечки разум.

Имаше ли политика во сите тие настани?
- Очигледно е дека некој се обиде да направи конфликт меѓу црквата и народот, како и во самата црква и меѓу народот, а за жал некој од црквата имаше обид и политички да профитира од целата ситуација, притоа очигледно не разбирајќи ја својата улога и улогата на црквата. Само политичарите треба да се занимаваат со политика и тоа е нивна задача, само ним народот им дал легитимитет да зборуваат за политика. Ние во црквата немаме мандат да говориме за тоа, напротив, народот нам нѐ задолжил да се грижиме за црквата, и само доколку нашите постапки ја изразуваат волјата на народот само тогаш се оправдани. Ние никогаш не сме се согласиле да ни ги рушат црквите, а и денес нема да останеме рамнодушни ако има таков обид. Одговорните, доколку навреме се изјаснеа дека немаат намери да ја уриваат црквата, сигурно немаше да дојде до ова. А народот е секогаш во право и никогаш не греши!

Дали црквата има капацитет и понатаму да остане единствена кога се работи за националниот и духовниот идентитет на македонскиот народ?
- Црквата е една и вратите на пеколот не можат да ја надвладеат. Бог никогаш не нѐ напуштил, туку секогаш ни дава голема благодат. Светиот дух живее и дејствува во нас, во секој Македонец. Тоа јасно ни кажува дека не сме сами пред искушенијата, соблазните, провокациите, конфликтите. Колку и да изгледаат тешки сите проблеми кои ја измачуваат совеста на верниците, на крајот сигурен сум дека љубовта ќе надвладее. Навистина, видено однадвор, не од позиција на црквата, состојбата изгледа многу тешка и неизвесна. Но секогаш и секаде живее и дејствува светиот дух, без разлика колку реалноста нѐ соочува со радост и тага, љубов или предавство, добро или зло, вистина или лага.



Лична карта

Епископот Јосиф е роден во 1977 година во Прилеп. По завршувањето на средното образование во 1995 година, се запишува на богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што дипломира во 2000 година со одбрана на дипломскиот труд на тема „Иконите низ историјата на црквата“. Замонашен е во 2005 година, кога е ракоположен и во јероѓакон, а следната 2006 година е прогласен во јеромонашки чин. Во 2009 година е назначен во игумен на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, струшко.

www.novamakedonija.com.mk

автор - Радмила Заревска

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.