Даниел Тодоровски - Даки, роден 07.02.1986 година во градот Кратово, каде што завршува основно и средно образование. Завршува студии на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј - Скопје, Република Македонија, во кабинетот за ликовна педагогија и сликарство во класата на реномираниот и познат академски сликар и професор Рубенс Корубин.
Во периодот после завршувањето на средното образование, престојува околу една година во Србија во Крушевац, каде што работи како волонтер во Невладина Организација “Едукативниот Центар-Крушевац”, на социолошко-педагошки проекти со помош на ликовно-педагошко образование на млади, деца од социолошко ранливи групи и деца со посебни потреби, како и семинари за едукација на младите на Балканот, за разбивање на националните, верски, предрасуди прифаќање на различностите и меѓусебно разбирање, во Босна - Сараево и Србија - Крушевац.
По враќањето во Македонија изработува богата колекција на минијатури и сувенири со мотиви и обележја од Кратово, Македонија и македонската историја, за “Општинскиот Центар за Карпеста Уметност – Кратово”, од кои дел се изложени во истиот но поголем дел се поклонети, откупени од странските туристи од странските земји, со цел промоција на Македонија, македонската историја и историјата и архитектура на древниот град Кратово.
Учесник е на повеќе домашни и интернационални групни ликовни колонии.
Од домашните групни ликовни колонии посебно значајни за него, се неколкуте учества на ликовната колонија Лазар Софијанов во Кратово, посветена на академскиот сликар Софијанов, која е една од колониите со најдолга традиција во Македонија и гордост на градот Кратово , предводена од еден од најзначајните ликовни уметници и основоположници на македонската ликовна уметност и култура Александар Јанкуловски - Цане .
Од интернационалните ликовни колонии , посебно значајно е VII тo интернационално биенале на Ex Libris при “Графичкиот кабинет на Регионалната Библиотека на Лубен Каравелов - Русе”, 2011 во Бугарија на тема “Дунав европска река”, каде што добива сертификат и влегува во последната селекција, а неговото дело станува дел од постојаната колекција на кабинетот.
Дали некој од вашата фамилија црта или се занимава со уметност?
Потекнувам од фамилија каде што креативноста се забележува и се изразувала на најразлични начини, од музичари, дизајнери, па и ликовни творци. Имам доста роднини кои што работеле или барем во слободно време како хоби се занимавале со ликовната уметност, можеби не на професионален план.
Од колку години црташ?
Откако знам за себе, јас својата креативност и својата креативна енергија се обидував да ја реализирам најчесто преку ликовното и цртањето. Уште од претшколска возраст па се до средното образование, јас бев еден од тие кој беше задолжен за креативните работи како ѕидните весници или слично.
Се сеќавам во периодот од средното образование, некогаш знаев да изгубам и по два до три часа во решавање на некој ликовен проблем кој што самиот си го поставував. Бидејќи во тоа време не беше доволно развиена информатичката технологија кога зборуваме за интернетот (како генератор на сите информации на едно место), тогаш информациите и податоците но и решенијата на тие ликовни проблеми произлегуваа од самоистражувањето и онака како логичко решение на сопственото истражување на тој ликовен проблем.
Што како ликовно уметнички правец најмногу преферираш?
Апстрактната уметност отсекогаш ме привлекувала баш поради тоа што како беспредметна уметност која што се врзува за субјективното, емотивното и рационалното уметничко изразување, не ги следи природните законитости и отвора големи можности и слобода во истражувањето и креативноста на уметнички план.
Исто така портретите како едни од поголемите предизвици за секој уметник и за мене се еден од предизвиците со кои што обожавам да се занимавам, поради нивната специфичност како што се доловувањето на карактерот, емоциите, психолошката состојба итн.
Нешто што посебно би го издвоил е и старата архитектура, односно старата Кратовска архитектура. Знаеме дека Кратово е еден од најстарите градови на Балканот, постоел и претрпел многу различни културни промени кои што оставиле свои траги и обележја од кои се и старата архитектура што сама по себе плени како по специфичниот изглед на градбите, но и како врска со минатото. Старата архитектура во цела Македонија но посебно во Кратово (како природен музеј) отсекогаш биле почитувани од секој ликовен уметник, посебно за мене како академски ликовен уметник од овој град.
Дали некогаш си имал можност со тебе да работи педагог по ликовно образование?
Секако дека постоеше дополнителна мотивација од ликовните педагози посебно во периодот на средното образование, откако ќе бев забележан во текот на ликовни колонии, со некои сугестии од страна на ликовните педагози. Но посебна работа со ликовен педагог не сум имал.
Дали би продолжил да откриваш таленти во Кратово ?
Како и што постојано велам, во Кратово постојат и отсекогаш постоеле генерациски многу талентирани и креативни луѓе. Но баш поради неможноста, неинформираноста или едноставно немотивираноста од финансиска егзистенција од уметноста, не само ликовната уметност туку и останатите уметности, младите талентирани и креативни личности се откажуваат од понатамошно надградување на креативен и уметнички план.
Како што реков, откривање на таленти во Кратово е помал предизвик, доколку мотивацијата во понатамошно надградување на она што тие го поседуваат како талент и тој нивни талент да го искористат во денешно време и во иднина, не само како применета уметност туку и во сето она што го нуди денешното време (информатичката револуција) како на пример дигиталната уметност или слично.
Што би сакал да работиш со својата професијата ?
Јас сум дипломиран академски сликар и ликовен педагог, ги запишав студиите во отсекот за ликовна педагогија баш поради убавината на пренесувањето и споделувањето на знаењето со помладите генерации, нивно културно и уметничко образување и мотивација. Младите се нашата иднина и мислам дека треба да им се посвети повеќе внимание уште од најмала возраст на ликовната култура која е лулка на креативноста и создавање на креативно по отворени и способни генерации. Како академски сликар отворена е можноста и нема граници во тоа што би работел на тој план, секако планирани се изложби и проекти, а како ликовен педагог би сакал да работам тоа што најдобро го знам и сакам, а тоа е едукација на следните генерации во ликовната култура и уметност како професор или наставник.
Дали во општината Кратово и во регионот можат да се најдат твои дела?
Во периодот после завршувањето на средно образование, бев многу активен, комерцијално во рачната изработка на сувенири и минијатури со мотиви од старата македонска и кратовска архитектура, како и минијатури и сувенири со мотиви од богатата македонска историја, историско значајни личности и обележја за промовирање на богатата македонска историја и култура. Поголем дел од тие минијатури и сувенири се изработени потребите на музејот при “Општинскиот Центар за Карпеста Уметност – Кратово” кои што се доста побарувани од туристите. Како и слики во техниката масло на платно со слични мотиви и намена.
Исто така имам изработено и повеќе мурали со различни мотиви, но најчесто со мотиви од старата кратовска архитектура и обележја, повеќето од овие мурали се покриени со реконструкцијата и реновирањето на објектите каде што се изработени.
Дали планираш некоја изложба во блиска иднина и каде би ја реализирал?
Веќе работам на неколку проекти кои би сакал да ги презентирам со самостојна изложба, изложбата секако би се реализирала во Кратово и во Скопје а се надевам понатаму и надвор од границите на Македонија. Секако и различни домашни и интернационални биеналиња и групни изложби кои што пак нудат различни можности за мене како ликовен уметник и автор.
Дали работиш на твои проекти и имаш твои дела и производи?
Како што споменав, моментално работам на неколку мои проекти во кои се содржани и градат неколку ликовни дела. Но имам и доста дела кои што се изработени во текот на студирањето како резултат на студиското истражување во тој период. Пред се тоа се цртежи, графики, кроки, скулптури, слики (масло на платно) со мотиви од актови портрети и автопортрети и апстрактни композиции, кои што ми се драги и од особено значење.
Се наближуваат 500 год од смртта на св. Ѓорги Кратовски, какво дело би направил како проект за обележување на овој датум ?
Св. Ѓорги Кратовски заштитник на мојот роден град Кратово, има посебно значење за градот Кратово и граѓаните на град Кратово.
Кога зборуваме за Св. Ѓорги Кратовски зборуваме за момче на осумнаесет години, кое што само што не започнало да му се радува на животот, но неговиот живот завршува трагично но не и залудно. Неговата жртва не е залудна, неговиот дух живее во секој верник и граѓанин на Кратово.
Мислам дека ликовно може да се реализира на повеќе начини, како од изработка на релјеф со сцена од моментот на неговото жртвување, како и на традиционален начин – копаничарство односно резба на дрво па се до претставување на современ ликовен јазик. Сепак во тој проект треба да се вложи доста време во размислување и реализација, така да рано е уште да кажам.