gogo

A+ R A-


Интервју со Вера од „Љубојна“, кралицата на егејскиот мелос

„Љубојна“ е кованица од два збора: љубов и бој. Тоа значи антагонизам, дуализам кој преточен во бојата на македонскиот автентичен, народен, но сепак осовремен музички израз, длабоко ни ги допира душите носејќи не час до корените, час до облаците. 

Од кујната на Љубојна вкусивме  уште еден музички производ со боите на егејскиот мелос. Пред многубројната публика заедно со дувачката секција и солистот Џамбо Агушев го промовиравте вашиот албум Љубојна Брас Фантази. Зошто се решивте за егејскиот мелос? Што е тоа што ве плени во музиката, ритмиката, во текстовите на песните?500lubojna2

-   Да бидам искрена, кога за првпат ми се откриваше македонската музика  јас не ги познавав етничките региони, етнографските целини за да можам да откријам која музика е егејска, а која не е. Сето она што доаѓаше до мене, се она што ме освојуваше си се вклопи како делче во тој огромен мозаик, кој јас сега во душава го носам и како сознание го знам за нашата музика.

Ме фасцинира звукот на егејските брас бендови, кои биле многу актуелни во минатото, кон крајот на 19-от и почетокот на 20- от век по рецепт на западните дувачки оркестри. Мене ме фасцинира тој њуорлеански звук, кој тука има едно медитеранско призвучје, многу отворено, многу потсетува на морето, во исто време многу континентално и во себе го носи мелосот кој ние го препознаваме  и во новосоздадената музика. Егејската музика во себе носи многу интересен универзален код. Ако ги слушате песните Мори чупи костурчанки или Твоите очи Лено, тие носат универзално чувство на лиричност или ако сакате,  универзална химничност. Таква едноставност носи самата мелодија. Тоа го има многу во нијансите на македонската музика. Конечно дојде време да направиме еден таков оркестар како од времето, да речеме оркестарот Македонија, како од старите плочи кога сме ги слушале па сме велеле: тууу, како ова да го вклопиме, да звучи така. Да имаш чувство дека улицата пее, како да ги гледаш поворките во Њу Орлеанс. И кај нас во некои од градовите постоеле такви оркестри и тој феномен мене лично многу ме радува.

Секогаш свирам со различи оркестри и тоа ми буди различни чувства, бидејќи Љубојна има различни проекти. Пред се, има авторска музика, има и рок бенд, има музика со кадифен звук како што е чалгијата на Мацедониа фреш. Дури има и концептуален пристап. Парите се отепувачка  е еден посугестивен албум кој исто талка е богат со музика и Брас Фантази, каде звукот е  отворен, експлицитен на сцена, од прва продира затоа што е силен. Сам по себе дувачкиот оркестар освојува.

Кога сме кај зборовите, кажете ни некои од зборовите кои се подзаборавени, кои не ги користиме:

Сигурно не ги користиме затоа што се работи за дијалекти. Има зборови кои луѓето ме прашуваат што значат. На пример:

Лудо ми тера три којни

Сите три којни ујлии...

 Многу често ме прашуваа што значи зборот ујлии. Тоа се улави коњи, разуздани, бидејќи целиот акцент во песната е дека доаѓа некој што е млад, полетен, енергичен, доаѓа една млада енергија, љубовна приказна, и ако е тоа лудо младо, тогаш коњите се разуздани, се е разбеснето од потреба за љубов.

Потоа, изразот чупче одонака, тоа значи некоја далечена, оттаму некаде, Имаше една поговорка која вели дека денот се познава уште од застрини, застра значи зора, од раните утра. Има многу интересни и прекрасни зборови. Или на пример, мартината , конкретно во песната Крена мартината ,  тоа е тип на пушка. Има берданка, малихерка и мартинка , и тоа е мартината. Крена за тргна, греди за заминува. Тие се многу интересни, тоа се словенски форми. На пример во Словенија викат гремо.

Всушност, она што јас го сакам во егејската музика е живописноста која мене ме освојува. Има различна живописност од кој било друг дел на Македонија и тука се чувствува многу развиена музичка култура. Јас тоа го чувствувам во целокупниот живот, од приказните што ми ги раскажале луѓето од егејскиот дел. Тоа е еден прекрасен дел од Македонија, каде што дома ти растат портокали, се е медитеранско, каде што кафето се сее низ свилени крпи, шамии,  за да се иситни. Тоа има една префинетост, неверојатна префинетост во културата на живеење и таа култура на живеење се одразува во музиката. Носи некоја прекрасна софистицираност. Можам да се пофалам дека скоро се вратив од Солун, слушајќи егејска музика и сакав да видам дали музиката ќе се залепи на околината. И буквално, Солун е природниот град, и сите тие градови се природните градови и не треба никој да ни каже дали ќе се наречеме егејци, македонци од егејска Македонија, дали ќе се избориме за името, тоа природно си е така и не може да се пресече.

Вера, имате препознатлива боја на гласот. Успеавте да изградите свој автентичен израз и покрај тоа што сте и ученичка, според мене, на најдобрата  меѓу најдобрите женски вокали, Вања Лазарова. Кои се зборовите што ви ги има упатено Вања  кои уште долго ќе ги носите во себе?

 Одењето кај тетка Вања и дружењето со неа значеше и дружење со Душко Димитровски. Нашите тетка Вања и чичко Душко, тоа беше спојката. Едното беше практично, другото беше идејно. Едното беше спиритус мовенс , а другото беше реализација на целото тоа. Од тетка Вања сфатив дека пеењето е состојба на душата, не може да биде поинаку. Музиката  ја отсликува состојбата на сопствената душа. Доколку не е така, доколку нема таква потреба јас се прашувам дали може да зборуваме за пеење во вистинската смисла на зборот. Денес пеење стана секое отворање на устата, што од немањето или неизградените музички стандарди или од демократските услови на пост пост постмодерната кои дозволија да се користи секаква форма на уметноста.

Ве лути ли комерцијализацијата на музиката. Вообичаено доаѓа под етикетата етно?

 Не, не ме лути комерцијализацијата. И Љубојна исто така прави комерцијална музика. Љубојна Брас фантази е едно од нашите најкомерцијални цедеа, затоа што има најотворен звук и најбрзо допира до слушателот. Другите проекти немаа таква тенденција.

http://www.skopjeinfo.mk/admin/upload/images/Dekemvri%2013/ljubojna---maja-arsova-03.jpgДали доволно ја чуваме и ја негуваме нашата музика?

Проблемот не е во негувањето, ние не ја развиваме. Ние не работиме на нашата музика. Зборувам на колективно ниво. Знаат ли македонците, академците дека постојат музички реформатори. Вистински реформатори на развојот на една музика, како што се Јован Кукузел во старите времиња, кој што воведува еден сосем нов начин на пеење , дури бил и извикан во тој момент од црквата затоа што имал тенденција на поголема орнаментика или внесување на некои народни мотиви кои биле поприсутни во народната музика додека црквата барала друга лојалност. Еве во поново време, не би ги познавале оркестрите доколку не би работел Живко Фирфов со Пеце Атанасовски, кои го направија првиот изворен оркестар, кои го сублимираа звукоти му дадоа белег на македонскиот мелос во една посовремена форма. Чалгијата не би имала свои нијански доколку не би постоел еден кларинетист како Тале Огненовски кој внесе еден прекрасен пелагониски звук во чалгијата. Значи тоа се луѓе кои прават сериозни реформи, ја скршнуваат музиката во некоја друга насока. Да ја спомнам и Вања Лазарова која е сублимат од сите женски пеења, И таа направи таа  да скршне, направи нова форма иако има и други феноменални певици во Македонија, нашите познати: Васка Илиева, Мирвет Беловска, Петранка Костадинова, Ратка Кировска, Костадинка Палазова, многу од нив. Премногу пеачки кои имаат свое обележје. Не верувам дека многумина од луѓето го знаат ова, освен ако не решиле да п уштат пипци и да осознаваат форми.

До скоро македонската музика не се доживуваше како дел од светската музика. Па сега  ја дознавме како дел од светската музика затоа што во светот се виде интересна и затоа си ја крстивме етно.

Мојата порака е, бидете живи, здрави, слушајте македонска музика. Запознавајте ја музиката со поголема љубопитност, затоа што има многу повеќе музика отколку што можете да си претпоставите. Дознавајте, има убава музика во Македонија. До тогаш нека уживаат во животот. Бидете во вечна потрага по убава музика.

Радио ИЛИНДЕН

http://vimeo.com/53665961

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.