Битолчанецот Добре Тодоровски, член на Друшвото на писателите на Македонија, денеска соопшти дека излезе од печат неговото најново дело, романот „Трите смртни пресуди на Павел Шатев“.
Писателот Тодоровски посочи дека делото е романизирана повест за еден од најголемите револуционери, македонски патриоти кои ја доживеале слободата на еден дел од Македонија.
- Павел Шатев е единствениот преживеан гемиџија за кого три пати е барана смртна пресуда, осудуван на смрт и ослободуван во три држави, од три системи, од тројца владетели, во различен временски период. Неговиот животен пат претставува вистински раритет во историјата на револуционерните движења во светот. Павел Шатев е човек без скршен морал и во најтешките услови од неговиот живот, и затоа сметам дека приказната што ја пренесов во овој роман треба љубоморно да се чува во македонските долапи и низ усна раскажувачка да се оживее и доживее, посочи авторот Тодоровски.
Романот „Трите смртни пресуди на Павел Шатев“ на авторот Добре Тодоровски го отпечати издавачката куќа „Панили“ од Скопје.