Во Изложбениот салон на Музејот на град Кратово утре (понеделник) ќе биде отворена изложбата на слики на авторката Анка Данаиловска.
Изложбата се отвара во рамките на манифестацијата „Кратовско културно лето“ (летен културен бран), а е во координација со НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово кој е носител на проектот.
По повеќегодишното отсуство од галериските простори во родниот град Куманово, графичарката Анка Данаиловска со својата најнова изложба на слики со наслов „Каменот раскажува...“ нe враќа во времето кога оваа авторка беше препознаена од пошироката публика како уметник кој развива оригинални ликовни концепти пред сe на полето на графичката уметност, паралелно остварувајќи притоа и забележителни дела од областа на сликарството и цртежот.