gogo

A+ R A-


Колумна на Емран Мустафов

РОМИ - СТЕРЕОТИПИ и ПРЕДРАСУДИ?!!

пишува - Емран Мустафов

Во однос на ромската заедница се потикнуваат многу прашања кои зависат од многу различни одговори т.е се разгледуваат сите можни причинители на несакани последици,од едукативен карактер,национален,па сѐ до економската состојба на Ромите. Ова е една од многуте колекции на компоненти кои координирано и во корелација со дискриминацијата и неискоренливите стереотипи придонесува за формирање на предрасуди. Нефлексибилна генерализација и формиран став за тешко променливиот однос кон Ромите постои, секој го чувствува истото, но некои поради морал и човечност го задржуваат мислењето,додека други го изразуваат тоа и манифестираат во секоја дадена прилика. Веќе, на секој чекор можете да слушнете една многу стара и општоприфатена реченица која од навика почнува да доаѓа дури и инстиктивно, толку е применета што Ромите не ја земаат ни в предвид дека со неа сепак се искажува даден стереотип. "АЈДЕ НЕ ЛАЖИ, ЛАЖЕШ КАКО ЦИГАН", тука не сфаќам една работа, што се крие зад тоа што Ромите имале потреба да лажат,  пет-шестте милиони денари перени за време на министерска фотелја? Или пак дадените "ветувања" за време на избори, за што лажат т.н цигани? Од сето ова не ли следува преформулирање на реченицата? Меѓутоа, не сакам премногу да навлезам во политиката бидејќи таа нема готови рецепти и тоа она што ја прави непредвидлива во секој поглед. Да се навратам, деновиве дознав за една контраверзна информација, имено во учебник по македонски јазик и литература наменет за учениците во деветолетка во еден од расказите постои реченица "Циганчето знае да удира на тапани". Ова значи тотална дисфункција на одредени системи во образованието. Како прво голем пропуст и недолично однесување на професорката од која е издаден учебникот, станува збор за професор чиј углед и влијание треба да претставува пример за идните двигатели на општеството. Како второ, не знам како дошло до одобрување на учебникот од страна на комисијата за разгледување на истиот, дали тоа претставува резултат гледан низ призма која е платформа на дискриминацијата или пак додека се корегираат грешки премногу се мисли на трансакционите сметки. Што и како се случило може само да даваме алтернативни претпоставки кои сепак се засноваат на база со доза на резерва, меѓутоа ако ги сублимираме сите факти единствено не можеме да поминеме низ чувствата со кои ќе се здобијат ромските дечиња кога ќе дојде моментот да се каже таа реченица на час и кога сите правци ќе бидат вперени во очите на тоа невино дете. Дали би можеле за миг да се ставите во кожата на тоа дете? Каква иднина му претстојува на тоа дете ако уште од мало се здобива со комплекси и фобии при комуникација со другите деца да не го навредат на национална база, или пак како здобиените потреси при такви ситуации да не доведат до несакани последици. Гледано од медицински аспект секоја потисната топка во вода излегува на површината, така да не ли е можно сето тоа да доведе до психичко-емоционално растројство? Затоа ромските деца како бариера и заштита од таа запаѓачка депресија се одлучуваат да ја превземат судбината во свои раце и да ги напуштат училишните клупи. Резултатот и последиците од тоа на сите им се познати: недоволна едукација,ограничени средства за живеење дури и минимални,неможност за социјализација и развивање на права личност во вистинска смисла на зборот,незрел суд и ред други работи. Од сето ова наместо да се извлече поука, тука се остава простор само за уште еден стереотип, "Ромите се неписмен народ, не гледаат од носот подалеку" и.т.н. Значи, да сумирам во целост, еден стереотип е само причина плус за создавање на друг, а како се нанижуваат на алката така растат и афинитетите кон предрасудите.Од друга страна Ромите знаат и умеат да ги зборават сите проблеми и секогаш оптимистички настроени. со посебна изразита харизма, секогаш спремни да ти помогнат во најтешко. Можеби тоа го прават поради тоа што животот си поиграл со нивната судбина па се народ кои знаат како се живее во беда и сиромаштија. Доблеста за добрината на нивното срце ја носат со себе во крвта, како што крвта врие, така врие и желбата да се помогне. Несебичноста да го подели парчето лепче макар и со странец и за возврат да не очекува никаква награда ги прави вистински алтруисти. Иако живеат во тотална мизерија имаат цврсто верување во Бог и секогаш се надеваат за подобро утре. Малкумина се тие кои ги гледаат позитивните страни на Ромите, нивната музика која ти го заигрува срцето, нивната искрена насмевка која ти ја погалува душата...па зарем има нешто поубаво од тоа. Нивната скромност е искористена од другите, затоа Ромите не уживаат многу права а и никогаш не се бореле за нив. Ромите се единствениот народ во светот кој никогаш нема водено војна за освојување територии и богатства, а секогаш биле лојални граѓани на својата држава и ги бранеле нејзините бои. За нив богатство е нивното семејство, музиката без која не можат да живеат,едноставно кажано јадат за да живеат, а не живеат за да јадат!

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.