Деновиве во одредени медиуми беше изнесено дека покрај изградените споменици и оние што треба да се изградат со програмата „Скопје 2014“, ќе се изгради и споменик на Павел Шатев.
Како историчар и по потекло од Кратовско, веднаш се запрашав што бара и зошто споменик на великанот на македонската револуционерна борба да се подигне во Скопје. Шатев во Скопје може да се види во Музејот на македонската борба и на Споменикот на гемиџиите до Камен мост.
Стара поговорка е дека - каменот тежи и има вредност каде што му е местото. Оттаму тежината и величината на Шатев – гемиџијата, револуционер, државник, општественик, кој целиот свој живот и' го посветил на македонската револуционерна борба ќе биде ако се изгради споменик во Кратово, градот во кој се родил. Единствено кратовци го одбележуваат и го слават ликот и делото на Шатев, достоинствено и со посебно чествување денот на неговата смрт (29 јануари 1851) и денот на неговото раѓање (15 јули 1882). Не е достоинствено и не заслужува да се чествува од многу граѓани на Кратово и Кратовско пред „една мала бистичка“ на Шатев, речиси и не забележлива пред Општинскиот суд во Кратово.
Изградбата, односно подигање монументален споменик на Шатев во Кратово со димензии како што се споменици на личности во Скопје ќе биде од големо значење за градот Кратово и за општината од повеќе аспекти, а пред се историски, туристички и културни.
(писмо до медиумите од историчарот Тодор Коцевски, по потекло од Шлегово)