gogo

A+ R A-


Кратовски легенди: Љубомората и мостови гради

Покрај огништето што потпукнува и чајот од нане што шири арома низ собата, Стевче Доневски раскажува приказни за машката љубомора.

- Сум чул од старите граѓани, поточно од учителката Цвета Голубанова во 2004год., дека последниот мост во Кратово што е правен е Асанов мост или Сарајски мост. – вели Доневски.

altВеднаш прашувам, каде е тој мост?

- Се наоѓал кај Заводот за вработување. За жал реката го однела , а остатоци од него сè уште можат да се видат.

Каква врска има љубомората со мостот?

- Името го добил по Асан ефенди – бег кој имал куќа кај денешна Соколана. А имал многу убава жена, ама бил и многу љубоморен. Не сакал никој да му ја гледа жената. Си имал мака човекот. За да не оди преку чаршијата и да му ја гледаат мајсторите и чираците, направил мост кој водел директно во градската бања. Од дома право во бања, од бања дома. – се смее Стевче.

Раскажувањето го прекинува за да стави дрво во огништето, а потоа веднаш продолжува.

- Во град Кратово, живеел Ѓорѓи Златков – Брадуљка, лихвар. Како деца, тој и Евгенија Бидикова, многу се сакале. Биле соседи. Врата до врата. Но, Евгенија, не по своја волја, е омажена во Софија за воено лице со висок чин. За кратко време сопругот на Евгенија починува и таа се враќа во Кратово и се мажи за Ѓорѓи Златков. А Ѓорѓи ѝ рекол: „Од господ си пратена за мене, ако господ е рекол да се земемо и да имамо дечиња, добро, ако не, тоа е божја работа.“

Господ ги дарувал ли со деца?

- Немале деца. Ѓорѓи од преголема љубомора ја чувал во, кратовски кажано, „златен кафез“. Сè што требало ќе ѝ се донесе само да не излегува надвор, да не ја гледаат луѓето. Старите кратовци велат дека Евгенија била најубава жена во градот и станала модел за споредба „девојче е убаво како Евгенија Бедикова.“

Досипува од миризливиот чај во чашите и продолжува.

- Проф. д-р Александар Апостолов, кој има пишувано за трговското семејство Генови, ми има кажувано за Милан Генов.

Нестрплива да ја слушнам и третата приказна за љубомората, прашувам кој бил Милан Генов.

- Милан Генов бил прочуен и ценет аптекар. И кај муслиманите, и кај католиците, и кај христијаните. Имал своја аптека. Ама имал и многу лична жена. Мажот и жената многу се сакале. За жал немале деца. Генов бил убиен од страна на Веркович. Жената од толку многу што го сакала и почитувала, 10 години по неговата смрт не излегувала надвор, освен до неговиот гроб и назад до дома, и тоа со пајтон. До крајот на животот го тагувала и плачела и како што вели проф. Апостолов „кога тие солзи би се претвориле би биле река.“

Мислејќи дека Стевче Доневски го завршил своето раскажување, почнувам да си ги прибирам белешките, ама тој ќе ја истресе прашината на уште една приказна.

- Последен пример на машка љубомора во Кратово е учителот Илија Китановски, собирач на народни умотворби. – вели Доневски.

- Со Талка, жена му, имаа сè. Љубов, сложен брак, почитување. Талка секогаш беше дома, да измети, да направи ручек. Кога ќе дојде Иле, сè да е под конец. – се присетува Стевче.

- Умреа еден по друг. Талка се „префркна“ по Илета од жал.

Приказната Стевче ја заокружува со поговорки слушнати од Илија Китановски:

- „Поп што зборе и жена што зборе закачи на чивилук, у резерва.“

„ Муж е за у чаршија, жена е за на сукак.“

„Стара жена и старо вино са сестри.“

 

Мирјана Манева

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.