Во последно време слушаме за писма задоцнети по 50-тина, 100 години, кои, кој знае каде патувале или пак, заборавени некаде, го чекале својот момент. И во старото гратче Кратово, една разгледница го чекала виделото да раскаже за љубовна приказна.
Во еден од многуте разговори, Стевче Доневски ќе ја спомне разгледницата, а јас требаше само да го потпрашам за да ми ја раскаже цела приказна.
Стевче, вака го почна раскажувањето:
- Оваа љубовна приказна е кажана од Никола Ефремоф – Бата, во месец мај 2006 година. Разговарајќи за стари фамилии, стари кратовци, за градскиот живот во старата куќа на Никола Ефремоф – Бата, Никола вака ми рече: „Стевче, еве една фотографија со текст. Еден ден народот ќе ја види и ќе ја чита.“
За каква фотографија станува збор?
- Всушност станува збор за разгледница која припаѓала на Невенка Т. Влахчева. Невенка била од Штип и имала момче од таму, кое било од угледна и имотна фамилија. Се викало Иван, а сите го викале Ванче. Требало Невенка да се омажи со Ванче, но родителите одлучиле да ја омажат во Кратово, во прочуената трговска фамилија Ефремови.
Што се случило со Иван, Ванче од Штип?
- Момчето на Невенка, Ванче, дознал дека таа ќе се мажи во Кратово. Тој од Штип, преку стариот пат Штип-Злетово-Лесново-Кратово, ќе дојде во Кратово. Го разгледал градот и ѝ испратил на Невенка разгледница од Кратово со текст: „Слика од град Кратово каде ќе биде вашиот иден, беден живот. Од твој мил Иван - Ванче.“
Дали Невенка ја добила разгледницата?
- Разгледницата Невенка ја добила пред да се венча и со години ја чувала во чантата. Пред крајот на животот ја подарила на Никола Ефремоф-Бата со аманет после смртта разгледницата да се види и прочита.
Каде денес се наоѓа разгледницата? Дали е зачувана?
- Оригиналната разгледницата се наоѓа во музејот на етно-куќата во Кратово, во Шанчева куќа, на располагање на секој кој сака да ја види. Туристите кои поминуваат низ Кратово секогаш се интересираат за случки од минатото, а јас со задоволство им ги раскажувам. Им благодарам на градските фамилии за отстапените слики, текстови и документи кои ги поткрепуваат ваквите приказни, а на тој начин се збогатува и туристичката понуда.
Стевче Доневски разговорот го завршува со изреки кои ги слушнал од Никола Ефремоф – Бата:
- „Земја не држи тајни!“
„Неискажаното ќе го види виделина.“
„Љубовта се носи во гроб.“
Мирјана Манева