Културно уметничкото друштво „Македонка“ од Торонто (Канада) вечерва во 20 часот ќе настапи пред Домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово. Тие ќе имаат заеднички настап со локалното културно-уметничко друштво „Ефрем Каранов“, во кое членуваат млади талентирани играорци од Кратово.
-Пред кратовската публика вечерва ќе се претстави еден квалитетен ансамбл во кој членуваат нашите иселеници од Канада. Кратовчани, кои се големи мераклии на староградскиот мелос и фолклор, со голем интерес го очекуваат настапот на КУД „Македонка“. По Кратово, гостите од Канада заминуваат за Битола, каде ќе настапат на фестивалот „Илинденски денови“, изјави Љупчо Маринковски, координатор во КУД „Ефрем Каранов“.
Нивната летна турнеја низ земјава е во организација на Агенцијата за иселеништво. Влезот е бесплатен. О.А.