Министерството за култура и општината Кратово со помош на Швајцарската агенција за соработка и развој почнуваат со реализација на проектот за реконструкција на кино салата во рамки на кратовскиот Дом на културата „Лазар Софијанов“, која е во исклучително лоша состојба, без електрична енергија, прокиснат покрив и опрема стара повеќе од 50 години.
- Ќе се изврши реконструкција на покривната конструкција, подовите, инсталациите, столаријата, санитарните јазли, како и и ентериерните елементи, сцената и гледалиштето, ќе се обнови и внатрешноста на објектот, а Домот на културата ќе добие и нов надворешен лик бидејќи ќе се обнови влезниот хол и фасадата, рече денеска на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Во последните три децении, посочи таа, Кратово како еден од најстарите градови на Балканот со богато и културно наследство се соочува со проблемот на немање простор за организирање културни манифестации од затворен тип.
- Со реконструкција на овој простор Кратово ќе добие мултифункционален центар во кој ќе се реализираат повеќе културни активности, ќе се одржуваат концерти, претстави, фестивали и други културни манифестации односно првпат ќе бидат создадени услови за непречено одвивање на културниот живот во градот, истакна Канческа-Милевска.
За овој проект покрај средствата од Министерството (2 милиони денари) и општината (2,4 милиони денари), се обезбедени средства и од Швајцарската агенција за соработка и развој (2,4 милиони денари).
Таа информираше дека во насока на заштитата на културното наследство на овој град, по ревитализацијата на Симиќевата кула која веќе е отворена за јавноста и во која е изложена постојаната поставка „Карпошово востание 1689 година“, оваа година Министерството издвоило 950.000 денари за конзерваторски проект за Златковата кула.
- Беше направена ревалоризација и на Емин-беговата кула, превентивни конзерваторски интервенции на Бидиковата куќа, конзерваторски истражувања и е изготвен конзерваторски проект за заштита на архитектурата и ѕидното сликарство во црквата „Св.Јован Крстител“. Оваа година, Министерството издвои средства и за уредување на музејското депо и вградување на ламинат во ликовниот салон во Музејот на градот Кратово. До 2015 година е планирано да се извршат археолошки истражувања, заштита, конзервација, реставрација и презентација на тунелите во градот, рече Канческа-Милевска.
Преку НУ Национален конзерваторски центар ќе се обноват фасадите на еден мал простор на споменичка целина „Ајдучка чаршија“ која претставува блок од пет групирани дуќани во Старата кратовска чаршија. Покрај тоа, се изготвува и елаборат за ревалоризација на старото градско јадро на Кратово по што ќе се пристапи кон изготвување Закон за негово за културно наследство од особено значење.
Градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски истакна дека граѓаните на општината преку шест форумски сесии давале мислење и правеле проект кој треба да се реализира и е од најголемо значење за општината. Тие како најважен проект и врвен приоритет избрале да се реконструира старата кино сала.
- Оваа кино сала, изградена во 60-тите години и која не работи повеќе од 20 години, да се стави во функција. Кино салата ќе ја користи не само Домот на културата во рамки на кој има голем број секции-играорни, фолклорни групи, тамбурашки оркестар кои своите активности ги изведуваат во мали простории во Домот. Со пуштање во функција на оваа сала сите овие секции, како и приредби на училиштата и градинката, ќе се можат таму да ги одржуваат своите активности, рече Андоновски.
Можеби, посочи тој, ќе недостигаат уште 1,5 милиони денари кои општината е подготвена сама да ги даде на располагање за целосна реализација на овој проект.
- Се надевам дека септември-октомври ќе успееме да го завршиме овој проект и оваа кино сала да ја ставиме во функција, додаде Андоновски.
Швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото рече дека Швајцарија го спроведува процесот на Форуми во заедницата во општина Кратово во директно партнерство со локалните власти. Една од целите на овој проект, посочи тој, е граѓаните да се вклучат во процесот на донесување на одлуки на локално ниво.
- Финансискиот придонес на Швајцарија кон овој проект изнесува околу 30 проценти од вкупниот буџет. Ова не е голем проект во однос на фунансиските средства бисејќи Швајцарија поддржува многу поголеми проекти во Македонија. Ова иницијатива потекнува од граѓаните и е поддржана од Владата, рече Лазарото.
Тој додаде дека Швајцарија преку Канцеларија за соработка во Скопје спроведува форуми во заедниците во 18 општини и оти во наредните месеци планираат да вклучат уште 21 општина.