Порталот www.aberdzija.com продолжува да објавува стари кратовски легенди и преданија врзани за традицијата и обичаите на овој крај. Денешната легенда ни ја раскажа Стевче Доневски, а ја слушнал од покојната Цвета Голубанова од Кратово.
Некогаш во Кратово живеело угледно и имотно семејство Меметови. Кога започнале масовните преселби на Турците во матичната држава, Меметови одлучиле и тие да се иселат во Турција. За кусо време ги продале лозјата, бавчите, куќата и се што имале од имот во Кратово. Се подготвиле за тргнување, но имале голема мака. Поседувале голема количина турски златници „алтани“ и барале начин како безбедно да ги пренесат во Турција без да бидат ограбени по патиштата.
Паднале неколку предлози, а се прифатил предлогот на газдарицата Меметова, големо тенџере да се наполни со сарми од лозов лист, а во секоја сармичка да се сокријат по два алтани. Тргнале со полно тенџере од Кратово и без проблеми стасале до Ќустендил. Таму се качиле на воз кој одел право за Цариград. По неколку часа возење во возот се качила бугарска контрола. Бидејќи било врело лето, а патувањето до Цариград траело два дена, постоело опасност од труење со храна. Наредбата била храната што ја носеле патниците да биде веднаш фрлена. Меметови ги фатила паника и се обиделе да ја сокријат сармата, но контролорите не дозволиле да бидат измамени и наредиле газдарицата да ја фрли сармата од возот. На газдарицата и било голема мака што ќе загуби толкаво богатство и во тие мигови забележала една сиромашна млада жена со бебенце во раце. Се симнала на кратко од возот, ја запрела жената со бебе и и го дала тенџерето со сарма и златници. Тогаш и рекла: „Жено, сармата да ја изедеш ти, а тоа што ќе го најдеш во сармата да му го дадеш на детето. Твоја среќа е да бидеш сита, а среќа на ајванчето е да биде богато“.