Легендата за трговецот и дрводелецот ја има раскажано Гане Митев - Лулар во 1998 година. Во градот Кратово живеел богат трговец, газда на колонијален дуќан. Дуќанот билво близина на центарот на градот, на едно ќоше и бил доста опремен, и од врапче млеко да најдеш. При посета на еден селанец дрводелец во дуќанот, газдата го пречекал и прашал што да го послужи. Дрводелецот рекол дека само разгледувал. Откако разгледал и видел дека нема дудуци, кавали, двојанки, гајдарки, писки, по неколку дена ги изработил во својот дрводелски дуќан. По една недела отишол кај трговецот во Кратово и му понудил да му продаде дудуци, кавали, двојанки...
Трговецот го одбил и му предложил да појде во Скопје и да ги продаде за кусо време. Дрводелецот не сакал да иде за Скопје и на сред чаршија почнал по ред да свири на сите инструменти. Се собрале деца и барале сите да купат од инструментите.Дрводелецот рекол дека не ги продава, но истите можат да ги купат во дуќанот на ќошето. Децата веднаш навалиле во дуќанот да купат дудуци и двојанки. Откако видел трговецот колкава побарувачка има, го пронашол дрводелецот и му дал многу пари за да ги купи сите инструменти во неговата торба.
На тргнување, дрводелецот пресреќен оти со итроштина му ги продал сите инструменти, му рекол на трговецот: До с’га ја свире да ги продаду, од с’га ти свири за да си ги продадеш!!!
(легендата ни ја раскажа Стевче Доневски)