gogo

A+ R A-


Легенда за ќерќите на Јашар-бег и стројниот Манас од Кратово

Легендата е раскажана од старата кратовка Цвета Голубанова (сега покојна), ја запишал Стевче Доневски, а порталот „Аберџија“ ви ја пренесува Вам.
Во турско време, во центарот на Кратово имало прекрасна куќа, позната како сарај на Јашар-бег. Овој турски големец имал две преубави ќерќи - близначки, Заимка и Зинка. Живееле во близина на Грошчискиот, или уште познат како Баждарски мост затоа што минувачите плаќале баждарина во јајца, сирење, дрвја за да минат од другата страна на Табачка река. На двете страни од мостот стоеле турски стражари, кои наплаќале мостарина. Но, Јашар-бег забележал дека стражарите го поткраднуваат и одлучил да ги отпушти, а на нивно место вработил едно многу убаво момче од Кратово по име Манас, а по вера христијанин. 
altВо меѓувреме ќерќите на Јашар-бег пораснале во стројни моми и им дошол редот за мажење. Едната имала соба на едниот крај од сарајот, другата на спротивниот крај од сарајот.

Стројниот Манас постојано шетал и кога бил на едната страна од мостот, го гледал само прозорецот на Заимка, а кога ќе преминел на другата страна од мостот, ја гледал само Зинка. Судбината сакала и двете ќерќи на Јашар-бег да го засакаат Манас, а Јашар-бег кога разбрал за нивната љубов, не сакал да чуе Заимка или Зинка да се омажат за момче - христијанин. Јашар-бег одлучил да ги заѕида двата прозора за да ќерќите не го гледаат Манас, но тие ги измолиле мајсторите - ѕидари да остават по едно „око“ во ѕидот за да го гледаат саканиот. Манас од мака ја напишал песната „Морето да е мастило, а небото хартија, нема да можам да ги испишам сите свои јадови“.

Според легендата, Манас никогаш не се оженил, а преубавите ќерќи на Јашар-бег од мака се преселиле во други градови, но никогаш не го преболеле Манас и не се омажиле.
Баба Цвета легендата ја завршила со зборовите: „По куќите во Кратово има многу момински очи што плакале за љубов“.

 



 

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.