gogo

A+ R A-


Легенда за сапунџијата Мико и желбата да се има свој дом

altВо Кратово некогаш живеело познато градско семејство Сапунџиски, кое се занимавало со производство на сапун за бричење и перење, но и свеќи. Биле имотни затоа што свеќата била многу барана и употребувана во рудниците, но и во домаќинствата. Во семејството живеел и синот Мико, кој еден ден решил да замине на печалба во Влашко. По седум години печалба, одлучил да се врати дома во Кратово. Некој печалбар од Штип го исплашил дека ретко кој печалбар успевал да се врати жив и здрав дома, затоа што по пат биле пљачкани, а често и убивани од банди. И покрај стравот кој му влегол во коски, Мико одлучил да тргне на пат, но претходно порачал да му сошијат двоен ремен, а во него ги наредил и сошил сите златници што ги спечалил во Влашко. До Белград стигнал со група мечкари, а од таму со група верници преку Ниш успеал да стигне до Старо Нагоричане. Од таму со караван кој пренесувал сол и газија успеал да си дојде дома, без да се соочи со бандити по патиштата.

Откако одбрал место каде да гради куќа, повикал тројца прочуени неимари – Василко, Санде и Нако. Им кажал да му изѕидаат куќа во која мешечки ќе влегува, а грбечки ќе излегува. Првите двајца се откажале, а Нако се нафатил да ја гради. После Благовец почнал да ја ѕида, но едно ќоше од куќата го ѕидал цел месец. По некое време, на газда Мико не му се допаднала работата, па прашал колку дневници должи за изграденото ќоше. Нако наплатил 60 дневници и си заминал, а Мико ја оставил куќата незавршена, а остатоците од ќошето може и денес да се видат во близина на Јоркширскиот мост.

Мико со парите си купил куќа од некој Турчин во Кратово, ја подзакрпил и во неа си направил и работилница. Во неа доживеал длабока старост. Од него останале изреките дека „куќа се прави цел живот, а гробна куќа за една година“, потоа дека „каменот тежи на своето место“, „само дома си е дома“, „тука сум се окуќил, тука се сум научил“.

 

Легендата ја раскажал Тоде Ефремов, а ја зачувал Стевче Доневски.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.