gogo

A+ R A-


Легендата за Царски мост во Кратово

Легендата за Царски (Чаршиски) мост ја раскажа стариот кратовец Киро Калуѓерот кондурџијата, ја запишал Стевче Доневски, а Вам ви ја пренесува порталот www.aberdzija.com како едно сведоштво за старо Кратово.
Пред нешто повеќе од 200 години, кога Кратово било под османлиска власт, во градот пристигнал лично царот (султанот) со својата придружба. Претходно поминал низ Штип, Злетово, Лесново и решил да го посети тогаш просперитетното Кратово. Видни луѓе, што муслимани, што христијани, го пречекале, го нагостиле со кратовски мед и вино и очекувале царот да ги праша што сакаат да направи за Кратово, за да остане царски белег дека некогаш лично тој бил во Кратово. Царот прошетал низ чаршијата, се запознал со кратовските казанџии, калајџии, ковачи, клинчари и други занаетчии. Во тие мигови покрај царот минувала средовечна жена водејќи за узда коњ натоварен со качиња сирење и урда. Царот сите ги изненадил и одлучил токму неа да ја праша каков спомен ќе посака да остане од царот за Кратово.  Жената одговорила дека сака нов мост по кој ќе поминува со коњот кога ќе доаѓа од село, наместо гредоред каков постоел дотогаш. Царот веднаш отишол да го види тој Чаршиски мост (гредоред) и со страв поминал преку него за да стаса до маалото каде требало да преспие. Токму маалото кај што преспал одтогаш го носи името Царино-маало, а мостот кој наскоро се изградил бил наречен Царски мост.
Царскиот мост официјално е пуштен во употреба во 1804 година, реновиран е во 1933 година, а денес е ставен и на грбот на Општина Кратово. Постои и денес во релативно зачувана состојба и го поврзува Шајков дуќан со стоковната куќа.alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.