Со молитви за благосостојба во новата година, свештениците од Македонската православна црква-ОА ќе ги благословат православните верници во земјава, кои на 14 јануари годинава ќе ја прослават православната Нова година, позната како ден на свети Василиј Велики - Василица. Исто така, на овој ден се обележува и празникот Обрезание Господово.
- Молитвите ќе се читаат веднаш по одржувањето на литургијата. Со нив се посакува благосостојба во животот на верниците - додаваат свештениците.
Според православната вера, пак, како што велат отците, на овој ден се прави погача со паричка, што го означува празнувањето на светецот Василиј Велики. Иако кај нас обичаите налагаат тоа да се прави на бадниковата вечер, сепак верското учење вели дека лепчето со паричка треба да се подели на Василица.
- Секој во семејството добива по едно парче од погачата, а тој што ќе ја добие паричката ќе има среќа во текот на целата година. Многу македонски семејства ја празнуваат Василица како домашна слава, а оние што го носат името на свети Василиј Велики го слават својот именден - објаснува свештенството.
Инаку, теолозите на нашата црква тоа го поткрепуваат и со житието во кое се објаснува добрината на свети Василиј Велики, кој истапил пред епархот на Кападокија, кој бил алчен човек и имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот.
- Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кеасрија да ги донесат накитот и златниците. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту, пак, го ограбил градот. Тој никогаш повеќе не се вратил, ниту, пак, им досадувал на верните од градот - раскажуваат теолозите.
Но, свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи кому што му припаѓа, додаваат од МПЦ.
- Тогаш, просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник, во кои ставил од златниците и накитот. Следниот ден, во црква, на сите им ги поделил. Секој го нашол она што претходно му го дал. За спомен на овој настан до ден-денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар), да се меси лепче со паричка - објаснуваат богословите.
Според нив, лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето им се разделува на присутните.
По повод православната Нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре, во храмовите на Македонската православна црква, ќе биде служена Светивасилиева литургија.
Покрај Македонската православна црква, според јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од калуѓерите на Света Гора. За разлика од нив, по грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Â