Времето поминува, но некои приказни продолжуваат за се раскажуваат за да сведочат за тоа колку љубовта може да го измени патот на животот. Меѓу старите кратовски сокаци, додека боровите го освојуваат небото и времето, а мостовите ги поврзуваат бреговите на реката и ги зближуваат луѓето, останала приказната за една голема љубов да се раскажува за да не се заборави и да им остане гордо сведоштво на кратовци.
Некогаш во Кратово живееле две занаетчиски богати семејства кои често се среќавале, се дружеле, споделувале среќа и тага, заедно учеле за животот. Едното семејство имало две женски деца, а другото семејство имале машко и женско дете. Децата пораснале, но се родила љубов меѓу момчето и една од ќерките на другото семејство. Тоа била голема и искрена љубов која завршила прерано бидејќи и двете семејства се спротивставиле на таа врска. И против својата волја и љубов, се разделиле и секој тргнал по својот пат. Девојката се омажила за друг, момчето се оженило за друга девојка и основале свои семејства, но нивната голема љубов никогаш не згаснала.
Поминало многу време, а богатата девојка не можела повеќе да ја издржи болката по него и никако не можела да го заборави.
– Досега ве почитував, отсега не ве почитувам и не ви доаѓам ниту за лошо ниту за арно! – храбро изјавила пред семејството и роднините. Настанала голема расправија, но таа решила сè да остави и да продолжи да живее мирен живот помирувајќи се со судбината. Се откажала од покуќнината и од имотот и сè им оставила на мажот и децата.
И момчето си имало свој животен пат. Отворил ан, имал свое семејство, се среќавал со разни луѓе, но душата постојано му горела по првата љубов. Како да живеел туѓ живот, а не свој и затоа одлучил да остави сè што заработил целиот живот.
– Не ми треба анот, не ми треба ништо!
Еден ден случајно ја сретнал првата љубов. Им се споиле патиштата, им се споила среќата, им се споиле срцата и решиле заедно да го продолжат животот во една трошна куќа. Сиромашни, но среќни и полни со љубов. Не можеле да си ги искажат маките што ги доживеале низ годините што ги поминале еден без друг.
И смртта им била убава и без болка – умреле еден по друг, преку еден ден. Од нивната голема љубов, кај кратовци останала изреката – љубовта планини руши.
Чудни се патиштата на љубовта. Кога во нив ќе се вплете и судбината, нештата честопати добиваат крајно неочекувани резултати. Понекогаш достојни за секоја чест.
Животот во Кратово продолжува да тече, да создава нови приказни за новите генерации што се раѓаат и ќе го продолжат постоењето. Само љубовта е таа што ја има моќта да управува со светот и да руши планини. проф. Лидија Ташева