ИНТЕРВЈУ СО М-Р ГОРАН САНЕВ, ВИШ КУСТОС - АРХЕОЛОГ ВО МУЗЕЈОТ НА РМ

Почитуван господине Санев, летово работите на еден од најзначајните археолошки локалитети - “Големо Градиште”, во близина на кратовското село Коњух, кој според степенот на истраженост и значење ќе влезе во групата споменици на културата како заштитено културно наследство. Од кога течат истражувањата на овој локалитет и колку е тој интересен од археолошки аспект и за странските стручни лица од оваа област?
САНЕВ: Систематските истражувања на локалитетот Големо Градиште започнаа во 1998 година, како долгорочен проект на Музејот на Македонија и Гетибург Колеџот од Пенсилванија, во САД. Истражувачкиот континуитет од цели петнаесет години се должи токму на интересот што овој локалитет успева да го задржи кај истражувачите. Истражуваме утврден град кој живеел пред околу 1500 години, имал репрезентативни јавни објекти со архитектонски елементи кои се уникатни по многу нешта, не само во регионот или во РМакедонија, туку и пошироко на Балканот. Тоа кажува дека станува збор за богат град за чија благосостојба несомнено придонесувало искористувањето на рудните наоѓалишта во Кратовскиот регион. Со неговата местоположба во граничниот појас со римската провинција Дарданија веројатно претставувал и важен трговски центар на патот од Скупи кон Пауталија, а бројот на откриените цркви на територијата на градот укажуваат дека тој веројатно бил и епископско седиште. Сите овие аспекти го прават локалитетот Големо Градиште голем предизвик за секој археолог.
Како дојде до соработка помеѓу Музејот на Македонија и проф. д-р Каролина С. Снајвели од Гетисбург Колеџ од САД, која паралелно со Вас е одговорна за археолошките истражувања?
САНЕВ: Како што рековте, раководител на проектот од американска страна е д-р Каролина Снајвели, професор на Гетисбург Колеџот од Пенсилванија, во САД. Нејзиното прво искуство со македонската археологија било во 1971-1973 година, кога како студент учествувала на истражувањата во Стоби. Таму се родил нејзиниот интерес кон проучување на раното христијанство на Балканот што бил и мотивот таа никогаш да не ја прекине врската со колегите од Македонија. Повеќе години подоцна, како професор на Гетисбург колеџот, таа е еден од иницијаторите за отпочнување заеднички археолошки истражувања во нашата земја. По направените обиколки, изборот паднал на локалитетот Големо Градиште, а во 1998 година започнале и првите заеднички истражувања, со колегата Кирил Трајковски, кустос советник во Музејот на Македонија и прв раководител на проектот од македонска страна. До моето активно вклучување во проектот во 2007 година, кораководители на истражувањата беа и колегите д-р Драги Митревски и Мила Шурбаноска.
За какво археолошко откритие станува збор и дали неговата индентификација е сè уште во доменот на теориите? Можат ли реномирани институции од типот на Гетисбург Колеџ да помогнат во побрза валоризација на едно вакво значајно откритие?
САНЕВ: Како што веќе кажав, на локалитетот Големо Градиште се истражува утврден град од времето на доцната антика. Првите седум години, во фокусот на истражувањата беше акрополата на градот сместена на високиот рид Големо Градиште. Во тој период откриени се остатоци од многубројни станбени и јавни градби, од бедемот што ја штител акрополата, капии, цистерна за вода и др. Движните наоди посочуваат дека акрополата интензивно била користена околу средината и втората половина на 6 век. Од 2004 година истражувањата продолжуваат на платото во северното подножје на ридот, заградено со коритото на реката Крива. Таму се наоѓа главниот дел на градот што се потврди и со откривањето на големата (Епископска?) базилика во централниот дел на платото. И овде наодите потврдуваат дека градот егзистирал во текот на шестиот век. Но, за жал, иденититетот на овој доцноантички град засега е сè уште скриен под слоевите земја. Во античките извори постојат податоци кои ги опишуваат градителските зафати на императорот Јустинијан I Велики во 6 век, во рамки на кои биле утврдени неколку градови на потегот Скупи - Пауталија. За жал, овие податоци не се прецизни околу местоположбата на споменатите градови. Врз основ на направените теренски опсервации во северозападна Македонија, проф. В.Лилчиќ смета дека на Големо Градиште би можел да биде градот Транупара. Оваа теорија ќе остане актуелна сè додека не откриеме натпис на кој е запишано името на градот. Што се однесува до валоризацијата на локалитетот можам да кажам дека таа го следи темпото на истражувањата. Секоја година резултатите од истражувањата се презентираат, особено на меѓународни симпозиуми, така што можам да кажам дека за стручната јавност во САД и на Балканот, Големо Градиште е добро познат локалитет. Во последните пет години, со откривањето на големата базилика и резиденцијата во централниот дел на северното градско јадро, локалитетот добива сè поголем публицитет станувајќи се попривлечен и поинтересен за пошироката јавност кај нас. Но, главниот проблем со кој посетителите досега се соочуваа беше немањето на пат, јавен превоз, водичи, а ниту пак информации (патокази, брошури, флаери и др.) кои би ве довеле до локалитетот и воопшто до овој живописен крај. Општина Кратово оваа година асфалтираше пат од с.Коњух до локалитетот, а претстои и негово продолжување до с.Бељаковце со што Големо Градиште ќе добие регуларен пристап и од страната на Куманово. Од наша страна, со проф. Снајвели сме во интензивна „потрага“ по меѓународни фондови преку кои би можеле да ги продолжиме обемот на истражувањата, конзервацијата на откриените објекти, да подготвиме патокази, пристапи до локалитетот и брошури преку кои посетителите би можеле да се запознаат подетално со историјата и содржините на Големо Градиште. Верувам дека овој локалитет ќе стане нов археолошки парк кој ќе ја збогати понудата на културниот туризам во РМакедонија.
Дали постојат и други научни институции од европски и светски ранг кои се заинтересирани за истражување на овој локалитет?
САНЕВ: Во практиката, научните институции настојуваат да бидат први и единствени истражувачи на еден локалитет. Главна причина е екслузивитетот на објавувањето на новооткриените наоди, а потоа и можноста на тој локалитет да се остручуваат нивните студенти и професионален кадар. Оттаму, доколку на еден локалитет веќе се одвиваат систематски истражувања, другите научни институции речиси и не размислуваат за приклучување. Ова е причината што досега не сме имале понуда од други странски институции за вклучување во истражувањата на Големо Градиште, но секако, тоа не значи дека нашиот проект е затворен за нови соработници.
Што ќе значи овој локалитет кога ќе влезе во групата на споменици на култура како заштитено културно наследство за Општината Кратово и ќе помогне ли тоа за развој на културниот туризам во Република Македонија?
САНЕВ: Процесот на валоризација и правна заштита на локалитетот како споменик на културата е веќе во тек. По завршувањето на оваа постапка Големо Градиште ќе влезе во групата на значајни археолошки локалитети во РМакедонија, а тоа истовремено ќе наметне поголеми одговорности и обврски околу грижата за локалитетот и овозможувањето услови за негов натамошен одржлив развој, како археолошка но и како туристичка дестинација. Рангот „споменик на културата“ ќе го олесни привлекувањето на финансиски средства за продолжување на истражувањата, за конзервација на откриените објекти и за генералното одржување на локалитетот. Во неколку наврати, со градоначалникот на општина Кратово, за разговаравме за перспективите на Големо Градиште како нова туристичка дестинација, и на неговото идно приклучување во туристичката понуда на Кратово, како нов археолошки парк. Реализацијата на овој план ќе наметне потреба, односно директно ќе го поттикне развојот на руралниот туризам во Кратовскиот регион, за што веќе постои голем интерес и поддршка и од локалното население. Развојот на културниот туризам во кратовскиот регион несомнено ќе придонесе за општиот развој на културниот туризам во нашата земја.
Постојат ли и други интересни локалитети на коишто работите или планирате да работите во периодот што следи?
САНЕВ: Овој месец продолжувам со работа на уште еден долгорочен меѓународен проект, на локалитетот Градиште кај Неготино. Таму, веќе петта година истражуваме друг град, кој егзистирал во времето на раната антика, поточно од 4 век пред н.е. до 3 век н.е. Тоа е проект што го започнавме во 2009 година, во соработка со Институтот за класични и Ориентални студии од Валенсија, Шпанија и Универзитетот Гдањск од Полска. Од 2012 г., потпишано е продолжување на проектот со Универзитетот од Гдањск, за кое се обезбедени средства за истражувањата до 2015 година. Верувам дека сегашниот интерес и ентузијазам на колегите од Гдањск ќе прерасне и во второ продолжување на соработката. Во оваа прилика ќе го споменам и локалитетот Градиште кај селото Бразда, во северозападното подножје на Скопска Црна Гора, каде работам од 1999 година, а како раководител од 2004 г.. И овде истражуваме непознат раноантички град, од 4 век пред н.е., кој воедно е и една од најстарите градски населби во скопската котлина. Локалитетот е познат по уникатното здание за кое сметаме дека имало фунерарен карактер и припаѓало на покојник од богато (владетелско?) семејство. Задоволство ми е да спомнам дека токму овој сегмент од локалитетот оваа пролет беше уреден и промовиран пред јавноста како прв археолошки парк во Македонија. Уредувањето беше реализирано во соработка со невладината организација „Археологика“ од Скопје, со која планираме продолжување на активностите до уредување на целиот локалитет во една атрактивна туристичка дестинација.
Вие сте магистер и виш кустос - археолог при Музејот на РМ. Кои се најзначај¬ните археолошки локалитети според Вас, на коишто треба да се работи во следната декада во државава?
САНЕВ: Тешко е да се одговори на вакво прашање, а да не се биде пристрасен кон своите истражувања. Да, сметам дека истражувањата на Големо Градиште кај с.Коњух се важен проект, но не само од археолошки аспект, туку и од аспект на потенцијалот што локалитетот го има за развој на руралнот односно културниот туризам во овој регион, што пак во блиска иднина ќе се одрази и врз културната и туристичката промоција на РМакедонија. Истото го мислам и за другите два локалитети кои ги споменав претходно, кај Неготино и во с.Бразда. Но, археолошките истражувања, особено на античките градови се долгорочни и скапи зафати, кои државниот буџет не може сите одеднаш и во целост да ги поддржи. Тоа се покажа и во случајот со капиталните археолошки истражувања, кои во 2008 година започнаа на 18 локалитети и беа целосно поддржани од Владата на РМ.