Отворен нов инфо-центар на локалитетот Куклица, сместен во кратовскиот регион и познат по камените кукли. Â Дрвената градба вклучува галерија со информации за споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани.
Целта на проектот е заштита на природните убавини и привлекување на што поголем број на туристи.
За изградбата на новиот објект, новите патеки и набљудувачки пунктови се инвестирани 65000 евра. Очекувањата се дека разубавената локација годишно ќе ја посетуваат околу 30.000 туристи.
На отворањето на новиот Инфо центар, како содржина која би била од голема важност токму за промоцијата на локалитеот, присуствуваше амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар, Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Нарине Сахакјан и градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев.
„Прв збор што ми паѓа на памет овде е збород горд. Треба да сте горди на Евровизија, на првото место во ракомет во Европската лига на шампиони, на извештајот од Европската унија, на екоактивистите што ја чистат земјата, горди на бисерите на природата како што е овој во Куклица“, истакна Жбогар.
Тој воедно упати апел до власта, дека за да се биде горд, треба да се биде и одговорен кон природата и природните убавини, потенцирајќи и дека Охридското Езеро е навистина во опасност.
„Апелирам гордоста да не се претвори во срам. Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со општината, со невладината организација „Извор“ помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи. Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлани шишиња по тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е: „Чисто како дома исто“ и ајде да се обидеме да ја сочуваме природата“, посочи Жбогар.
