Етнолошка изложба „Сјајот на кратовските килими“
Претставување на експонатите од текстилното народно творештво, поточно килимите кои биле создавани од вредните раце на кратовската жена која со својата интензивност создала голем број ремек етнолошки дела е целта на тематската етнолошка изложба „Сјајот на кратовските килими“ која ќе биде отворена утре во општинската установа Музеј на град Кртово од Кратово.
- На изложбата ќе бидат претставени кратовски килими со изобилство на форми во разновидни ориентални решенија, почнувајќи од застапеноста на старите традиционални со докажани естетски вредности па се до оние пренесувани од разни индустриски орнаментирани изработки, истакна авторот на изложбата Драган Георгиевски, виш кустос етнолог и директор на Музејот на град Кратово.
Тој додаде дека кратовските килими уште од дамнина ги краселе просториите во кратовската куќа кои освен што служеле за покривање на креветите со нив се уредувал и ентериерот и комплетниот амбиент во куќата.
Проектот за етнолошката изложба „Сјајот на кратовските килими“ е во организација на Музејот на град Кратово во соработка и финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Кратово.