Во Музејот на Кратово утре (петок) почнува петтиот меѓународен фестивал на етнолошки филмови „Кратово 2016“. На него ќе бидат прикажани 34 етнолошки филмови снимени од автори и на локации од сите страни на светот. Македонското етнолошко друштво ќе биде домаќин на автори од Индија, Франција, Чешка, Италија, Перу, Мексико, но и од соседните држави Србија, Хрватска и Бугарија, кои на македонската јавност ќе и претстават дел од својата култура и традиција.
- Годинава програмата навистина е богата и разновидна, со автори од цел свет и филмови снимени на секоја точка од планетата. Љубителите на етнолошкиот филм два дена ќе можат да уживаат во филмските остварувања на режисерите, а со дел од нив ќе можат и лично да поразговараат – ни рече Драган Георгиевски, директор на Музејот во Кратово.
Така, во филмот “Гбаја” ќе можат да се видат пчеларските традиции и трагањето по мед во Камерун. Во филмот “Јасновидката” публиката ќе ја запознае Иванка од Србија која на три големи христијански празници комуницира со нејзините „сестри - самовили“.
Македонските автори ќе се претстават со своите филмови, покажувајќи дел од македонските традиции, како џоломарството во Тиквешијата, приказната за Росе од Заград и водичарските обичаи, за обичаите при стрижење овци во село Отошница и многу други етнолошки ритуали и обреди низ земјава. О.А.