gogo

A+ R A-


Пола милион евра за подобрени услови за учениците со посебни потреби во Кратово и соседните општини

alt

Подобри услови за учениците со посебни потреби е целта на проектот што деновиве го промовира Центарот за развој на североисточниот плански регион во Македонија и Општина Дупница од Бугарија. Проектот „Сите деца учат заедно-Прекугранична мрежа на инклузивни училишта“ се реализира во партнерство со Дупница, а вредноста е близу 500 илјади евра. Целта на меѓуграничниот проект е социјална кохезија и создавање меѓугранична мрежа и училишна инклузија на деца со посебни потреби.

- Проектот опфаќа изградба на пристапни рампи, лифтови и специјални тоалети за ученици со посебни потреби во седум училишта од шесте општини од регионот. Тој се спроведува од мај 2013, а треба да заврши во мај 2015 година. Наредното лето очекуваме да започнат инфраструктурните активности опфатени со него - вели раководителот на Центарот за развој на североисточен регион, Младен Протиќ.

Освен инфраструктура, проектот вклучува јавна кампања, како и јакнење на капацитетите на наставниот кадар од училиштата од двата региона, во Македонија и во Бугарија.

- Наредната средба е закажана за 28 октомври годинава и ќе се одржи во Дупница каде што и пред тамошната јавност ќе биде презентиран проектот - вели Борјана Сапунџиева, началник на одел за европроекти од Дупница.

Проектот вклучува и обука на наставниот кадар, работилници и силна кампања за уривање на стереотипите за лицата со посебни потреби.

- Проектот има големо значење за учениците со посебни потреби бидејќи со инфратруктурните зафати ќе се овозможи полесен пристап до училиштата, наставниците ќе се стекнат со посебни знаења и вештини, кои ќе се употребат во воспитно-образованиот процес со оваа категорија ученици, а корист ќе имаат и семејствата на учениците со посебни потреби - рече градоначалникот на Kратово, Мите Андоновски.

Градежните активности опфатени во проектот ги вклучуваат кумановските основни училишта „Толи Зордумис“ и „Бајрам Шабани“, „Дитура“ во Липково, „Kочо Рацин“ во Kратово, „Јоаким Kрчовски“ во Kрива Паланка, „Христијан Тодоровски Kарпош“ во Ранковце и „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричино.

извор www.dnevnik.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.