Сокаците, кулите, мостовите и особено подземните ходници во Кратово ме оставија без здив. Духот на минатите времиња со саксонските рудари, со ковачниците на монети, со стотици занаетчиски дуќани го возбудија моето срце и горда сум на оваа убавина. Со овие зборови го опиша Кратово пратеничката Силвана Бонева, која во функција на претседател на Комисијата за култура, со останатите членови на комисијата, беше во обиколка на малото живописно гратче на Истокот.
Токму денешното гласање во собраниската комисија на предлог-законот за прогласување на старото градско јадро за културно наследство од особено значење, беше поводот за посетата на Кратово
-
Покрај Бонева, на убавините на Кратово се воодушевуваа и пратениците Зоран Георгиевски, Владанка Авировиќ, Љубица Буралиева, а во улогата на добри домаќини беа нивните собраниски колеги од Кратово Стојан Миланов и Марјанчо Колевски. Нивниот заклучок беше дека Кратово има непроценлив туристички потенцијал, кој дополнително ќе добие на тежина по донесувањето на законот. Оливер Арсовски