gogo

A+ R A-


Приказни од Кратово: Ниту адвокатот Сали Фетах не го спасил кратовскиот трговец Тракев

alt

Во повоените години од минатиот век, во Кратово живеел прочуениот адвокат Сали Фетах, кој бил ценет меѓу кратовци и познат како хуман човек, истражувач и проучувач на најстариот град на Балканот. Во тие бурни времиња започнале судењата на воените богаташи, а Сали Фетах бил ангажиран како адвокат на познатата кратовска фамилија Тракев.

            -За судењата во 1946 година ми раскажуваше Ѓорги Илиевски од село Железница, кој добро ги памети тие неизвесни и тешки времиња.Особено интересен е случајот на судењето на Коста Тракев, познат трговец на сол, газија, катран и друга стока. Еден ден, еден сосед отишол кај газда Коста да позајми кантар (паланза), но кога влегол кај него видел дека тој брои златници. Коста му рекол да не кажува никому за тоа и да ја симне капата за да му ја наполни со златници. Но, соседот рекол дека бара златото да го поделат на половина или ќе го пријави во полицијата, ја раскажува приказната Стевче Доневски, истражувач на кратовската историја и традиција.

            Според кажувањата на Илиевски, соседот, без да размислува, отишол во полициската станица и го пријавил газда Коста, велејќи им дека „Коста играе на пари.“ Тогаш, започнале претреси, сослушувања и Коста по итна постапка бил ставен во затвор. Неговата сопруга Милка била очајна и го побарала познатиот адокат Сали Фетах за да го брани нејзиниот сопруг.

            -Сали Фетах се согласил, но кога почнал да истражува од полицијата го предупредиле дека ако го брани Коста и тој и семејството ќе бидат убиени. Адвокатот немал каде и морал тоа да и го каже на сопругата на Коста. Но, кога ги видел нивните 10-годишни ќерки-близначки,толку му станало жал, што и дал на Милка пари за да и се снајдат во несреќата. Притоа, и кажал дека два дена не можел да заспие и плачел заради нивната зла судбина што ги снашла, раскажува Доневски.

            За време на судењето, го прашувале Коста од каде му се парите, а тој кажувал дека е трговец и дека работи со пари. Но, судот рекол дека тоа се народни пари и дека ќе му бидат одземени. Го осудиле на 9 години затвор и му кажале дека ако се буни и вршник на главата ќе му стават. Коста им рекол ако сакаат нека ги земат парите, но дека нема да имаат мирен сон додека ги трошат.

            Ова е само една од многуте приказни кои ги „крие“ богатото бурно историско минато и градското живеење на Кратово. Потомците на Сали Фетах денес живеат во Истанбул и се во контакт со Доневски.

            -Ми ветија дека ќе дојдат во Кратово и ќе донесат дел од личните работи на Сали Фетах, кои ќе бидат изложени во етно куќата „Шанчева“, како сведоштво за некогашниот градски живот, нагласува Доневски.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.