gogo

A+ R A-


Промовиран вебсајт за археолошкиот локалитет Големо Градиште, Коњух

За своевидниот јубилеј од цели 15 години континуирани систематски археолошки истражувања на локалитетот Големо Градиште, кај селото Коњух, проектот неодамна подготви веб-страница www.konjuh.mk преку која имаме цел на сите заинтересирани професионалци и сите љубители на културното и природното наследство, да им ја пренесеме магијата на Големо Градиште и неговата прекрасна околина. Посебно задоволство ни претставува што веб-страницата можеме да ја презентираме токму во оваа прилика, на меѓународниот ден на археологијата бидејќи на овој начин таа ќе ја добие заслужената и вистинската презентација пред вистинската публика.

alt

Би сакал да истакнам дека како меѓународен проект, што заеднички го реализираат Гетизбург Колеџот, од Пенсилванија, САД и Музејот на Македонија, денес Археолошки Музеј на Македонија, истражувањата на Големо Градиште се воедно проект со најголем истражувачки континуитет во Р.Македонија. Тоа се должи, пред сè, на големиот научен потенцијал на локалитетот што беше препознаен од самиот почеток и финансиран заеднички од Гетисбург Колеџот,  Дамбартон Оукс, Гети Фондацијата и Министерството за Култура на Р. Македонија. Но, секако, не треба да се заборави дека зад овој успех стојат археолозите и нивната макотрпна теренска и научна работа.
Од овие причини, презентацијата на содржините на сајтот овојпат би ја започнал од крајот, од рубриката „за нас“, која е посветена токму на археолозите, повеќе од 50 наши колеги и студенти учесници во проектот, чиј професионализам, ентузијазам, и пожртвуваност ги започна и ги реализираше истражувањата сите овие години. Во знак на вечна на благодарност и почит кон нивниот придонес, ја издвоивме оваа посебна рубрика за поименично да ги спомнеме сите, заедно со нивните задолженија и години на учество.

alt

При подготовката на веб-страницата за Големо Градиште, настојувавме таа да биде со модерен дизајн, едноставна, но сепак со голем број на податоци и информации и погодна за користење дури и за пребарувачите на мобилните телефони. Тоа налагаше содржинитеда бидат концизни и лесни за читање. Така, во рубриката „Локалитетот“, претставени се досегашните сознанија за историјата на овој непознат доцноантички град, но и тековните активности поврзани со неговата валоризација, конзервација и културна презентација, со идните планови на проектот за развивање на Големо Градиште и неговата околина во привлечна туристичка дестинација – Археолошки Парк.
Втората рубрика „Историја“ на еден современ начин дава историски преглед на најзначајните откритија поврзани со локалитетот, од случајното откривање на црквата Ротонда во 1919 година, преку првите истражувања во 1970 година, рекогносцирањата и почетокот на систематското истражување на локалитетот во 2000 година,откривањето на Големата – Епископска базилика во центарот на градот во 2008, до најновите активности поврзани со меѓународната презентација на локалитетот.

Заради растеретување на сајтот од големото количество податоци, но со намера на сите заинтересирани корисници да им овозможиме што повеќе информацииза резултатите од истражувањата на Големо Градиште, ја подготвивме рубриката „Библиографија“, во која е приложена целокупната библиографија поврзана со истражувањата, заедно со дигитализирани копии од текстовите во pdf. Особено важно е што на овој начин се зачувани мошне стари текстови, во изданија кои се поретко можат да се најдат дури и во нашите специјализирани библиотеки. Текстовте се хостираат на археолошкиот портал Порта-Археологика, и се дел од Дигиталната Археолошка Библиотека на порталот.

Рубриката „Галерија“ има цел на сите читатели визуелно да им ги доближи убавините на локалитетот Големо Градиште и неговата непосредна околина, со гробјанската базилика на некрополата К’шла, базиликата Ротонда, потоа, со локалитетот „Цоцов Камен“, но и со природните знаменитости „Куклици“ или „Камени Кукли“.

alt

За крај, во име на проектот и раководителите на проектот, сакам да нагласам дека ќе се залагаме веб сајтот да биде редовно дополнуван со нови информации за истражувањата на Големо Градиште и резултатите од истите, а сите вас ве поканувам да го посетите локалитетот.

www.konjuh.mk
Горан Санев - виш кустос, НУ Археолошки музеј на Македонија

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.