Песните кои се пееле на празниците, славите и по повод разни значајни моменти од битисувањето на луѓето од кратовскиот крај, дочекаа да бидат објавени во најновата книга на Родна Величковска „Обредната пејачка традиција во Кратовскиот регион“.
Книгата ја истакнува слоевитоста на богатата музичко-фолклорна разновидност на регионот, собирана подолго време од музички ентузијасти. Книгата беше промовирана во кратовскиот Музеј, а во соработка со Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Етно ризница“.
- Ние како здружение постојано сме на терен, ги собираме старите песни и ги промовираме пред пошироката јавност. Веќе објавивме едно ЦД со стари песни од криворечието, а истите се пееја и на манифестацијата Шопска свадба која по вторпат ја организиравме во кратовското село Куклица – вели Драган Митевски, претседател на „Етно ризница“.
При истражувањата во книгата се одбрани 123 најрепрезентативни примери во функција на расветлување на традиционалното обредно пеење. Промотори на книгата беа професорот Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и професорката Катерина Петровска - Кузмановска.
Народните обичаи поврзани со празнувањето на свети Димитриј беа залеани со домашна ракија и вино, со селски зелник, сукана баница, баклава, како дел на „Митровденската вечеринка“ која втора година по ред ја организираше „Етно ризница“. Â О.А.