gogo

A+ R A-


Странските туристи ќе ги освојуваме со гастрономски специјалитети од осоговието

Гастрономска тура низ осоговскиот регион е најновата понуда на локалните здруженија и производители, кои на странските туристи им нудат богата палета од автохтони производи и оригинални јадења приготвени на стар традиционален начин. Понудата го вклучува локалното производство на здрава храна и автентични производи од осоговското поднебје, а с` повеќе странци се заинтересирани за овој вид алтернативен туризам. Организираните тури опфаќаат посети на манастири, цркви, етнокуќи, ресторани и други угостителски локали, каде што на трпезата редовно се наоѓаат разновидни специјалитети, во амбиентално уредени објекти, придружени со изворна македонска музика на традиционални инструменти.

alt- Сеуште ја оформуваме рутата на осоговската гастрономска тура во зависност од интересот на туристите. На понудата се локалитетите и локалите во Kрива Паланка, Ранковце, Kратово, Пробиштип, Kочани, Македонска Kаменица, Чешиново-Облешево... Туристите имаат можност да пробаат манастирско вино и ракија, домашен леб, баници, пити подготвени под вршник, ајвар, лутеница, пишии, тиганици, кратовска пастрмалија, армци, компоти, слатки, како и голем број домашни и екопроизводи од локалните земјоделци. Туристите се многу заинтересирани и за винскиот и за јаболковиот оцет, толчената шлеговска сол, сушеното овошје, медот и слично, кои се спакувани во специјална амбалажа и може да ги купат и да понесат со себе. Најмногу, пак, уживаат во манастирскиот ручек или во некој од традиционалните ресторани со локална кујна - вели Стевче Доневски, сопственик на етнокуќа во Kратово, која е отворена 365 дена за туристите, а нуди можности посетителите и сами да ги приготват оригиналните специјалитети.

Осоговската гастрономска тура веќе се вклучува и во понудата на повеќе туристички агенции од земјава. Дел од неа се реализира во рамките на гастрономската тура низ Македонија, која исто така, е новина во туристичките аранжмани и трае 8 дена. Најчесто, овие организирани посети во нашата земја ја опфаќаат понудата на уникатен и возбудлив алтернативен туризам, кој обично ги вклучува гастрономијата, културните знаменитости и авантуристичките рути.

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=3B61A18A1C32BF42A74365A78C6F53BC

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.