Симиќева кула во илуминативен блесок
пишува - Оливер Арсовски
Иако до пред две-три години важеше за грдотија на градот, деновиве највисоката кула во Кратово позната како Симиќева, блесна во полн сјај. Откако пред неколку месеци и беше променет покривот кој долги години прокиснуваше, во втората фаза кулата доби целосно нов ентериер. Проектот за санација и ревитализација заврши пред неколку дена со поставување на рефлектори.
-Благодарение на германската амбасада и Министерството за култура,кои учествуваа во проектот со по 750.000 денари, Симиќева кула е целосно ревитализирана. На првиот кат ќе има сувенирница, на вториот ќе биде сместена поставка за Карпошевото востание, а на третиот ќе биде сместена изложбата „Отпретани сведоштва“. Задоволството делумно ни го расипа сопственикот на објект кој граничи со кулата, кој од неразбирливи причини не дозволи кулата да биде осветлена од јужната страна – ни рече директорот на кратовскиот Музеј, Драган Георгиевски. Свеченото пуштање на возобновената кула ќе биде во вторник во 14 часот, а специјален гост ќе биде германската амбасадорка Улрике Кноц.