
Во Куќата на Касапови –Куќа на уметноста во стариот дел на Велес синоќа беше отворена изложбата „Пет градови“, посветена на бисерите на староградската архитектура во Велес, Штип, Кратово, Берово и Куманово.
Изложбата е дел од таканаречената оска на соработка „Инвентар на архитектонското културно наследството на пет градови“, меѓу Македонската и Француската Асоцијација на градови со архитектонско наследтсво. Оваа активност во изминатите две години е реализирана во рамките на проектот за децентрализираната соработка меѓу регионот Долна Нормандија од Република Франција и Република Македонија.
Гоце Аџимитревски технички координатор на Асоцијацијата на градови на Македонија со архитектонско наследство појасни дека централна тема на изложбата е инвентарот на наследството на 41 објект во петте градови.
- Изложбата има два дела, кои се претставени на петте паноа. На левата страна се претставени истражувањата, а десната страна е документарна, рече Аџимитревски.
Директорот за Европски прашања и меѓународна соработка на Регионот Долна Нормандија Александар Пол информира дека ваков проект се реализира и во нивниот Регион.
- Таму проектот е во насока плажите, каде пред 70 години се истовариле Сојузничките сили, да бидат класифицирани како заштитено светско наследство на УНЕСКО, истакна Пол.
Тој најави дека во Македонија е и да се договори заедно со претставниците на амбасадите на Франција и на Македонија за продолжување на соработката на двете земји во наредните три години до 2016 година за натамошна заштита на културното наследство.