
Околу 400 изложбени фотографии во колор и црно–бела техника кои се дела на интернационални и домашни реномирани фотографи, како и ученици – аматери, ќе може викендов да се видат на дводневниот фестивал на уметничка фотографија, кој ќе се одржи во Куманово и Кратово. Фото клуб Куманово по трет пат го организира „Малински фото фестивал“, на кој посетителите ќе може да видат осум различни изложби, шест фото проекции, предавање на тема документарна фотографија и фото сафари.
-Фото клуб Куманово е млад клуб кој постои четири години, но потекнува од град кој има долга фотографска традиција. Среќни сме што годинава за прв пат фестивалот ќе се случува два дена и ќе излезе надвор од Куманово. За гостите – фотографи, а годинава ги има од Полска, Босна, Србија, во недела организираме фотосафари во Кратово и околината. Од ова фотосафари наскоро ќе се роди нова изложба на фотографии, која планираме да ја подариме на градот Кратово како постојана постановка – истакна Владимир Јовановски, директор на фестивалот.
Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат изложбите на Марина Крстиќ, реномиран фотограф од Македонија и Золтан Бисак од Турција. Ќе бидат изложени и Меѓуклупската изложба која е со натпреварувачки карактер помеѓу фото клубот Куманово и фото клубот Војцин од Полска насловена како „Круг“ и истата е под селекторство на Марјан Јаневски од фото клубот „Козјак“. Ќе има две клубски изложби од кои една на фото клуб „Куманово“ насловена како „Тумба“, а другата на фото клуб „Крагујевац“ од Србија со тема „Продолжување на традицијата“, а своја изложба ќе имаат и ученици од ОСТУ „Наце Буѓони“.
За посетителите ќе бидат поставени и две меѓународни изложби „Photo Play” и „Photo Story”.
Програмата на фестивалот за прв пат оваа година ќе биде проширена со предавање на тема документарна фотографија од страна на Зоран Ѓорѓевиќ, реномиран фотограф од Србија.
О.А. фотографија: Оливер Арсовски