gogo

A+ R A-


Владиката Наум - мајстор во карате, навивач на Челзи, вљубеник во моторциклите

http://www.m-p-c.org/Vesti/Interview_g_Naum_16-08-2005_files/image002.jpgМалкумина знаат дека митрополитот струмички, господин Наум, покрај посветеноста на верскиот живот, во младоста бил голем вљубеник во каратето, во овој динамичен и тежок спорт. За тоа говорат неговите настапи, победите на републичките првенства и освоените титули. Тоа беше време кога владиката Наум, наместо денешната свештеничка мантија, често го облекуваше белото кимоно.
Иако минаа речиси 30 години од тогаш, владиката Наум се потсети на своите успешни настапи, на црниот појас, прв дан, што го има своено и кој љубоморно го чува како спомен на многуте победи.
Многумина кога ќе го прочитаат разговорот со владиката Наум за каратето и кога ќе дознаат дека има црн појас - прв дан, веројатно, на шега ќе кажат: ,,На митрополитот Наум не му е потребно обезбедување, тој ќе знае сам да се одбрани доколку биде потребно. Секако, но денес, кога му служи на Бога, веќе не му е потребно неговото карате-искуство ниту, пак, некогаш би го употребил“.
- Бев вљубеник во спортот и се уште носам спортски дух во себе. И до ден-денешен спортувам. Како дете многу играв фудбал и настапував за екипата од моето маало, за моето одделение, играв и за екипата на моето училиште "Кузман Јосифовски-Питу“. Едно лето, мислам дека бев седмо одделение, тренирав и во ФК Работнички во пионерската селекција. Некаде во почетокот на средното училиште, во 1976 година, почнав да тренирам карате. Тренирав во клубот Георги Димитров во истоимената гимназија. Пред да го завршам средното училиште, некаде на 18 години, освоив црн појас или мајстор по карате, прв дан. Неколку пати учествував на републичките првенства и секогаш бев меѓу првите тројца натпреварувачи во мојата категорија. Во 1979 година бев втор во Македонија во тешка категорија во конкуренција на каратисти до 18 години. Две години подоцна, веднаш по отслужувањето на воениот рок, во 1981 година успеав да победам на првенството на Македонија во полутешка категорија. Последен пат се натпреварував 1987 година, при што бев втор во сениорска конкуренција. Таа година бев и клубски првак, но потоа за мене од каратето како спорт, како моја голема љубов, остана само убав спомен, бидејќи заминав во манастир и се замонашив.
Зошто од сите спортови го избравте каратето?
- Отсекогаш сум бил борец и ги сакам сите боречки вештини. Каратето е и опасен спорт. Опасноста секогаш го принудува човекот сериозно да вежба, да тренира. Како опасен спорт, каратето му помага на човекот да го надмине стравот и да му се отворат очите за постоење духовна борба. Оттука, па натаму патот кон светот на борбата против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Ефес 6, 12) е отворен.
Колку беше тежок тој спорт за тренинг и натпревари?
- Секоја борбена вештина е опасна и тешка за тренинг и натпревари. Тоа посебно важи за каратето, една мала грешка и повредата може да биде мошне сериозна и кај вас и кај противникот. Телесната подготвеност е многу важна. Поради самото карате вежбав уште неколку други спортови: гимнастика, хата јога и боди-билдинг, но и зафати од други борбени вештини. Но, надминувањето на стравот, ладнокрвноста и духовниот мир беа клучни предуслови за победата во секоја борба. Овој квалитет, овој духовен мир ги постигнав во задоволителна мера во почетокот на мојот православен духовен живот во црквата, особено со молитвата за себе и за другите.
Слушнавме дека сте биле љубител на мотоциклите, дека сте возеле мошне брзо во младоста. Дали некогаш сте се натпреварувале на мототрки во Скопје?
- Ги сакав моторите како млад. Возењето мотоцикл беше поврзано со еден вид филозофија на слободата. Сакав мотоциклот да го возам на зајдисонце, кога Скопје беше речиси празен и кога боите на природата беа чудесно убави. Никогаш не сум се натпреварувал на некоја мототрка, ами возев од задоволство.
Моите пријатели-свештеници ми кажаа дека сте играле многу добро фудбал, дури дека сте биле подобар фудбалер отколку каратист. Дали во Струмичката епархија постои фудбалски клуб како и во Скопската?
- Во каратето настапував натпреварувачки, се борев за титули и медали, фудбалот го играв чисто аматерски, што се вели. Признавам, фудбалот ми е поголема љубов. И денес играм фудбал кога можам. Но, фудбалот го споив со мојата пастирска дејност, особено кога забележав дека на тој начин ми се отвора полесен приод кон младите што не доаѓаат в црква. Фудбал обично играм наесен и напролет, а преку лето играм кошарка и пинг-понг.
Имате ли време денес, како владика, да го следите спортот?
- Како владика немам многу слободно време да го следам континуирано спортот и настаните поврзани со него. Ниту, пак, имам можност, бидејќи во манастирите немаме телевизор и не гледаме телевизија. Обично ги гледам (некаде на гости) финалните борби и интересните мечеви на европското и на светското првенство во фудбал, но и мечевите од Лигата на шампионите, при што навивам за Челзи. Тој е мојот миленик.
На крајот од овој наш разговор, што би им препорачале на младите спортисти?
- Како прво и најважно, секогаш да се натпреваруваат за првото место. Колку повисока цел ќе си постави човек пред себе, толку подобри резултати ќе постигне. Второто место или нерешен резултат се само обични глупости. Не е тоа за што човек тренира и се бори. Ако оваа мисла не им биде ѕвезда-водилка на младите спортисти, им препорачувам воопшто да не стапнуваат на спортските терени со надеж за професионален ангажман. Аматерскиот спорт топло им го препорачувам на сите, затоа што еден од неговите плодови е дисциплината на духот, која е многу важна за духовниот живот на секој човек. Спортот, спортскиот живот, е и голема заштита за бегството од реалноста на животот, кое многу често им се случува на младите луѓе што стануваат зависници од никотинот, алкохолот и од другите видови наркотици.
Ретро-интервју направено за Утрински весник

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.