Во Музејот на Кратово денеска беше промовирана едицијата „Македонски народни умотворби“ во десет тома, што ги подготви проф. д-р Марко Китевски од Институтот за македонска литература од Скопје. За едицијата зборуваше проф. д-р Илија Велев, а народните умотворби ги говореше артистот Томе Витанов. Оваа едиција во изминатите пет години ја објави издавачкото претпријатие „Камелеон“ од Скопје, со материјална поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Едицијата „Македонски народни умотворби“ во десет тома содржи антологиски избор на поетски, прозни и други народни умотворби, потоа предговори, белешки, речници и другата научна апаратура.
Во десетте тома на околу 3.500 страници се објавени околу 1.800 песни, 530 приказни, пословици, гатанки, благослови, клетви, баења и други фолклорни материјали од сите делови на етничка Македонија. Консултирани се сите позначајни зборници, весници, списанија и други публикации од средината на 19 век до денес. Едицијата, според рецензентите, го содржи најубавото што македонскиот народ го создал во областа на народната литература во изминатите векови.