пишува - Лидија Ташева,
наставник по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ - Кратово
Реченицата е централна синтаксичка единица организирана според синтаксичката шема на даден јазик и содржи лексички показател на предикативност - личноглаголската форма – прирок (предикат) како свој конститутивен член. Според ова, реченицата можеме да ја наречеме предикативна синтаксичка единица со едно автономно (предикативно) јадро кое може да е составено од една личноглаголска форма, или пак од две такви форми што оформуваат еден прирок, дополнувајќи се меѓу себе. Реченицата претставува организирано единство од елементи, а тие елементи се зборовите односно збороформите меѓу кои се воспоставуваат врски. При создавањето реченица, говорното лице ја актуализира објективната содржина на реченицата, т.е. воспоставува врска меѓу неа и говорната ситуација потпирајќи се на поимите јас – овде – сега и изразува определен број задолжителни субјективни значења, како: предикативност, комуникативна функција и сл.
Реализираната (изговорена или напишана) реченица е конкретна творба и му припаѓа на јазичниот текст, а нејзиното значење се базира врз симболизирање типични процеси од нашата стварност. Има два вида значења: објективно (го одразува реалнниот свет) и субјективно (го одразува односот на говорното лице кон тој свет). Реченицата располага со своја граматичка структура затоа што е организирана според правилата што важат за конкретниот јазик. Субјективното значење е познато уште и како модалност или модалитет или модус. Модалноста во македонскиот јазик се дефинира како израз на ставот на зборувачот за односот меѓу соопштеното и светот околу нас. Таа е поврзана со предикативноста.Во лингвистичката наука постојат шест типа модални значења:
1.Оцена на зборувачот во поглед на реалноста односно нереалноста на содржината на реченицата и се изразува со глаголските времиња и начини, со некои сврзници и партикули.
2.Оцена на зборувачот за можноста, за неопходноста на ситуацијата изнесена во реченицата и се изразува со модални глаголи или модални зборови.
3.Оцена на зборувачот за веродостојноста на она што го соопшува. Се изразува со модални прилози, со воведни зборови и со декларативни зависносложени реченици, но и со интонациски средства.
4.Модалност изразена преку комуникативната функција на реченицата каде што доаѓа до израз целта на зборувачот дали сака да соопшти нешто, да праша, да изрази желба итн.
5.Значење на потврдување/тврдење наспрема одрекување во поглед на присуството односно отсуството на објективни врски меѓу предметите, настаните за кои станува збор во реченицата.
6.Емоционална и квалитативна оцена на содржината изразена со декларативни реченици.
Наспрема речениците во потврдна форма т. е. такви во кои нема негација, стојат одречните реченици, на пример:Петар дојде. –Петар не дојде.Дојде ли? –Не дојде ли?Оди! –Не оди!
Потврдувањето (тврдењето) и одрекувањето (негацијата) се заемно поврзани појави. Негацијата е предмет на проучување во филозофијата, во логиката, во психологијата и во лингвистиката. Во лингвистиката се определува како категорија својствена на сите јазици, како т.н. јазична универзалија. Негацијата се јавува на различни рамништа на јазикот (лексичко, граматичко и семантичко) и има различни средства за изразување.
Меѓу средствата за негација ќе ги споменеме граматичките средства, пред сè, партикулите:не, ни, ниту; одречните заменки, одречните заменски придавки и прилози. На пример: не сакам; ни дојдоа, ни се јавија; никој; ништо; никаде; никому.
Лексичката негација се добива со префикси кои служат како средства на негацијата: не- (нездрав, непријател); ни- (никаков); без- (безвреден); а- (аморал); де- (дебаланс).Овде треба да се имаат предвид и збоповите што имаат одречно значење, а не ги содржат овие префикси (забрани, против, спречи,пропуши, престане).
Од аспектот на бројот на одречните зборови во реченицата т.е. од квалитативен аспект се разгледуваат: еднократна и повеќекратна негација, односно мононегација и полинегација. Мононегацијата е карактеристична за англискиот и за германскиот, а за словенските јазици е карактеристична полинегацијата која може да биде: двојна, тројна, четворна итн. Двојната негација се јавува во две разновидности:
а) Првата разновидност се одликува со присуство на одречна партикула или морфема заедно со засилувач на негацијата: Не рече ни збор; Тој по никоја цена не го прифати договорот.
б) Втората разновидност се карактеризира со присуство на две негации што се понишуваат така што се добива позитивно значење: Не е невозможно; Не можеш да не се чудиш! и сл. Наспрема овие стојат примерите: Возможно е; Мораш да се чудиш!
Меѓу тврдењето и двојното негирање има разлики од лексичко- синтаксички и од стилистички карактер. Двете негации обично се понишуваат меѓу себе и сложениот израз е по правило послаб од простиот, на пример: не ретко значи и доволно често и често и сл.
Во рамките на полинегацијата се разликува т.н. кумулативна негација, на пример: Никој никогаш ништо не направи.Според тоа кој член на реченицата се негира се разликува реченична и членска негација.
а) Реченичната негација се одликува со негирање на личноглаголската форма - прирокот во реченицата. Оваа негација е карактеристична за македонскиот јазик. Работата не ја завршија на време; Парите не ги вратија.
б) Членската негација се однесува на друг член на реченицата. На пример негација пред именка или пред придавка: Ние посетивме село, а не град; Не добар, предобар беше со нас.
Во зависност од обемот, негацијата може да биде: општа или тотална и делумна или парцијална и се изразува со општи, одречни и неопределени заменски зборови, на пример наспрема: Сите му веруваат, тоталната негација ќе гласи: Никој не му верува, а како парцијална: Некој не му верува.
Според начинот на изразување може да биде експлицитна и имплицитна (вградена).На пример:
-глаголите: заборави (=не се сети); забрани (=нареди да не); спречи (=не дозволи).
-прилозите: ретко ( =не често); одвај (=скоро не).
-предлозите: без, освен, против.
При негирањето се служиме и со различни средства и начини на изразување емфаза: Апсолутно не се согласувам; Не наоѓам сосем ништо прифатливо во овој предлог и сл. Одречното значење може да се искаже и со други начини:
- со интонација: Јас сум го рекол тоа?!
- со емфатични обоени реплики: Многу си умен!
- со фразеолошки изрази: Се сложуваат како рогови во вреќа.
- со реторички изрази: Може ли сèда се научи?!
Модалноста е сложена категорија која може да биде изразена со граматичките (морфолошките и синтаксичките), а потоа и со лексичките средства и со интонацијата, која се обележува со соодветни знаци, а придонесува една иста структура да добие различни модални карактеристики.