gogo

A+ R A-


Жените- Ромки живеат во стеги од предрасуди

Бремето што го носи ромската жена тежи двојно повеќе бидејќи таа треба да „војува“ на два фронта - во општеството заради нееднаквиот старт условен од ниското ниво на образование и во семејството оптоварено со стереотипи и предрасуди. Ова е заклучокот од најновото истражување на Регионалната ромска образовна младинска асоцијација (РРОМА) од Kратово, спроведено во рамките на интернационалната кампања „Нашето место, нашиот простор, нашиот случај“. Проектот се реализира во партнерство со организациите ЕРГО од Белгија, РАА од Албанија, ЕДРОМ од Турција и Интегро од Бугарија, а финансиски е поддржан од Европската комисија.

- Целта на истражувањето беше да се дојде до факти за позицијата на Ромката во семејството, за што имаше многу малку информации. Економската криза, недостигот на политичка волја и координираност за решавање на ромското прашање влијае на дискриминацијата и исклученоста, но сетоа тоа се случува надвор од ромското семејство. Ние сакавме да го дознаеме третманот на ромската жена во семејните заедници во однос на родовата еднаквост, стапката на вработеност и нејзината улога во насочувањето на иднината на нејзините деца. Забележавме дека ромската жена во старт има нееднаква позиција при носењето одлуки во семејството, образованието и финансискиот придонес, а самата неписменост придонесува за натамошна зависност на жената од мажот - истакнува Мустафа Јакупов, извршен директор на РРОМА.

alt

Во истражувањето биле вклучени 600 лица од Велес, Штип, Kочани, Виница, Берово, Пехчево и Црник. Во првиот дел од истражувањето биле опфатени 100 млади девојки за тоа каде се гледаат себеси во иднина, а во вториот дел биле анкетирани 500 Роми од кои по 10 отсто мажи и млади Ромки, а останатите 80 отсто жени од 20 до 50-годишна возраст.

Најпоразително е тоа што наспроти визијата за нивните деца како високообразовани личности, сепак Ромките сметаат дека тие треба да стапат во брак и да основаат семејство најчесто од 19 до 21 и од 16 до 18 години.

- За жал, покрај семејствата, и институциите гледаат на малолетничките бракови како на дел од традицијата кај ромската популација. Апелираме да се смени овој став и на ова прашање да се гледа како на кршење на правата на детето, а надлежните да донесат програми за надминување на овој проблем, сметаат од РРОМА.

Испитувањето покажало и дека само мал процент од мажите смета дека жените имаат право во носењето одлуки во семејството, како и на работа и учество во семејниот буџет. Жените, пак, најчесто се гледаат како вработени шивачки во текстилната индустрија, истакнувајќи дека и покрај образованието многу тешко може да напредуваат и да изградат кариера.

- Мора да заклучиме дека македонското општество во целост е традиционално, но тоа е поизразено во ромските заедници. Тешко е да се биде жена во патријархално општество, а истовремено и да ~ припаѓате на малцинска група, која секојдневно се соочува со предрасуди и стереотипи. Затоа, предлагаме да се креира мониторинг-тим за имплементација на законот за еднакви можности на жените и мажите, зашто сите анализи во Источна Европа покажуваат дека токму неговото неспроведување е најслабата алка од синџирот на заштитата од дискриминација - нагласува Јакупов.

извор - www.dnevnik.com.mk

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.