gogo

A+ R A-


„Аква-фест“ во Пробиштип ќе прерасне во втор „Егзит“ на Балканот

alt

Тања Стојковска, директорка на Домот на култура „Злетовски рудар“ во Пробиштип

Пред два дена на пробиштипјани им соопштивте исклучително добра вест. Ред е за тоа да слушне и целата македонска јавност?

- Во право сте. Така убава вест не е само за во локални рамки. Пробиштип е мал град, но токму ние ќе го имаме македонскиот „Егзит“, односно „Аквафест“. За оваа работа поднесовме апликација до Министерството за култура, која, едноставно кажано, беше тешко да се одбие. Од таму добивме информација дека сме понудиле преубав проект и дека тој ни е прифатен. Наскоро ќе бидеме информирани и со колкава сума на пари ќе застане нашето министерство зад оваа манифестација.

Не би било лошо да ни дадете малку повеќе информации во врска со овој проект.

- „Аквафест“ е фестивал на најпознатите диџеи, кој првпат се одржа минатата година во пробиштипскиот Аквапарк. Гостуваа многу познати диџеи, меѓу кои најславно име беше Пол ван Дајк. За три дена, колку што траеше фестивалот, имаше над 20.000 посетители од Македонија, Бугарија, Србија... Тоа ни даде идеја за една така крупна работа, која младите исклучително ја ценат и сакаат ние како институција од областа на културата да застанеме зад неа. Секако дека тој залак бара големи финансиски средства кои ние ги немаме, па затоа изработивме проект кој е прифатен од Министерството за култура. Сега само чекаме да видиме која сума на пари ќе биде определена за „Аквафест“, па да почнеме со подготовките.

Веднаш побрзавте овој Ваш фестивал да го поврзете со новосадскиот „Егзит“, кој е оценет за најдобар фестивал од ваква природа во Европа. Тоа ли Ви е реперот?

- Апсолутно, Пробиштип не е Нови Сад, но тоа не значи дека нашиот град, нашата институција во соработка со други републички институции немаме капацитет за една таква организација. Можеби нема во се' да бидеме баш како што е „Егзит“, бидејќи тоа е фестивал со долгогодишна традиција, но ние ќе направиме се' што е до нас да бидеме тука некаде.

Каков е концептот?

- Според првичниот проект кој може да се доработува, фестивалот треба да се одржи кон крајот на јуни или во почетокот на јули. Локацијата е позната – нашиот Аквапарк. Ќе ги поканиме најдобрите диџеи од Европа, а секако дека една ваква манифестација не може да помине без домашни претставници. Ако минатата година за овој вид музички хепенинг во 48 часа, колку што оптимално траеше, имавме над 20.000 посетители, ние само можеме да си претпоставуваме колку народ ќе дојде годинава. На нас е да ја дадеме најдобрата музичка понуда за овој вид музички хепенинг во Македонија.

Има ли Пробиштип капацитети да прифати толку народ. Речиси два-три пати повеќе отколку што градот има жители?

- Тоа не е и нема да биде проблем. Имаме голема и широка локација на која младите можат да постават шатори, имаме угостителски капацитети, имаме многу млади луѓе кои ќе се вклучат во организацијата, ја имаме поддршката на Општината, го имаме најубавиот Аквапарк во државата како посебна атракција, која ги подобрува перформансите во организациска смисла. Лично, со нетрпение го чекам летото по кое за Пробиштип ќе се слушне и во цела Европа.   Иван Бојаџиски

http://www.utrinski.mk/?ItemID=83C5D107407EBE419F223908FD738E9E

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.