Али експрес најпопуларна интернет страница за купување кај Македонците. Интернет продавниците нудат поголем избор и пониски цени, Македонците се повеќе пазарат online. Бројот на порачки надминува и 70.000 месечно, најпопуларни се меѓународните синџири, особено кинескиот Али Експрес.
Поволни цени и голема понуда на производи – ова се главните причини поради кои се повеќе Македонци се одлучуваат да нарачуваат облека, техника, покуќнина преку интернет. За 20 % има раст во купувањето преку интернет, во споредба со минатата година. Убедливо најпопуларна страница за интернет трговија е кинеската Али експрес. Во моментов најбарани се очилата за сонце.
Од 75.000 пратки месечно, само 33.000 се нарачани преку оваа страница. Од Кина, преку Чешка во Прага, во рок не подолг од 1 месец, пратките пристигнуваат на скопскиот аеродром, од каде екипи на Македонски пошти со комбиња, два пати дневно вреќите со пратки ги транспортираат до Дирекцијата. За да се испита безбедноста, секоја пратка поминува низ детектор. Сепак, понекогаш се случуваат и пропусти – доставата на пратката да доцни или тоа што е нарачано да стигне на туѓа адреса.
- Најголем проблем е кога пратката не е соодветно адресирана, но на некои пратки има и телефонски број, па така е полесно. Пратките не доцнат, можеби само за големите празници, за Нова Година или Велигден, кога секој сака да подари нешто, вели Аљо Хасанбеговиќ, раководител на поштенски сообраќај во ГЦПС 2 – Скопје
Дополнителен проблем за граѓаните кои масовно купуваат на интернет, е тоа што се ослободени од царински давачки и ДДВ, само ако робата чини до 22 евра. Така на пример, за брендирана спортска опрема порачана од Англија во вредност од 190 долари, на Царина се плаќаат дополнителни 110 долари. За да ги избегнат давачките, граѓаните прават неколку нарачки една по друга. Од Македонски пошти велат дека веќе побарале од Царинската Управа ваквата политика да се промени...
- Од 22 до 45 евра, плаќаат само царина, а ако цената на производот е над 45 евра, тогаш граѓаните имаат обврска да одвојат пари за сите давачки. Постои можност тие производи што ќе бидат до 200 евра да бидат ослободени од царина, тогаш и прометот ќе биде поголем. Имавме состаноци со Царинската Управа, но се уште не можеме со сигурност ништо да кажеме, изјави Аљо Хасанбеговиќ, раководител на поштенски сообраќај во ГЦПС 2 – Скопје
Патот на пратката може да се следи преку интернет страницата на Македонски пошти. Производите се подигнуваат од главната пошта или од експозитурите. Вработените најчесто се јавуваат телефонски или оставаат картичка во поштенските сандачиња, доколку купувачот не е дома. Ако во рок од 5 дена не ја подигне нарачката, Македонски пошти ја враќа назад.