gogo

A+ R A-


Царскиот орел ќе се гнезди во околината на Пробиштип

Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со МЕПСО вторпат годинава ќе постави дополнителни 10 платформи за гнездење на царскиот орел (Aquila heliaca) овојпат во околината на Штип и Пробиштип. Платформите ќе се поставуваат на високонапонски далеководи (400 kV), на потегот Чардаклија - Стрмош.  Активностите се почнати на 22 месецов, а треба да завршат на 27.

aquila500_heliaca_6784-e133

-Платформите се добро решение и за царскиот орел и за МЕПСО. Орлите на овој начин ќе добијат повеќе гнезда, а компанијата МЕПСО ќе се заштити од евентуални дефекти кои може да настанат доколку гнездата не се соодветно обезбедени со заштитна мрежа. Фактот што МЕД и МЕПСО по вторпат годинава соработуваат преку поставување платформи за гнездење на царскиот орел во околината на Овче Поле е охрабрувачки пример како два различни сектори може одлично да соработуваат кон зачувување на загрозени видови и природата воопшто, изјави Данка Узунова од МЕД, раководител на проектот „Проценка на  заканите за птици во две значајни подрачја за птици во Македониja“.

Платформите претставуваат замена за природните гнезда на царските орли кои што главно гнездат на стари дрва. Тие птици поради сечење или гниење на старите дрва, често се принудени да ги градат своите гнезда на високонапонските далекуводи (110kV и 400kV).

Популацијата на царскиот орел кој што е преселен вид и живее на степски и отворени подрачја, бележи благ пад на национално ниво. Неговиот број во Македонија е намален и како последица на усмртување од електричен удар, труење и намалување на достапните извори на храна (глодари, влекачи и мрши од депонии).

Поставувањето на платформите за гнездење ќе биде целосно спроведено од техничкиот персонал на Подружницата Оператор на преносна мрежа (ОПМ), Сектор за далеководи при МЕПСО.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.