
Домот на Култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип по 36 пат го организира овогодинешното издание на ПРОФЕСТ – најстариот и единствен фестивал во Македонија наменет само за пеачи – аматери. Фестивалот ќе се одржи на 14.11.2014 година (петок), со почеток во 19.00 часот во кино салата во Пробиштип.
Водител на овогодинешното издание на Профест ќе биде Стефан Насевски, а се предвидува да настапат повеќе од петнаесет пејачи – аматери кои ќе се претстават со македонска изворна или новосоздадена песна пред пробиштипската публика. По завршувањето на натпреварувачкиот дел, додека трае гласањето, присутните ќе ги забавува познатата македоснка фолк пејачка Соња Тарчуловска.
Многу македонски естрадни уметници своите почетоци во нивните кариери ги имаат започнато токму од овој фестивал, како што се Соња Тарчуловска, Маријан Коцев, Зуица Лазова, Горан Гешовски…Победникот на Профест како и секоја година до сега, има загарантирано учество на Фолк Фест Валандово.
Директорката на О.У. Дом на Култура „Злетовски рудар“ г-ѓа Тања Стојковска, која стои зад организацијата на Профест најавува одлично издание. Воедно упатува повик до сите кои се заинтересирани да се пријават за пеење, тоа да го сторат најдоцна до 10.11.2014 година. Како што додаде таа, овој фестивал е одлична шанса за оние што во иднина сакаат професионално да се занимаваат со пеење и дека ова може да им биде отскочна даска во животот. На љубителите на добрата македонска изворна и новокомпонирана песна ги поканува во живо да го проследат 36 издание на Профест во Пробиштип.
ПРОПОЗИЦИИ
1. Општи одредби
• Републичкиот фестивал на пејачи аматери „Профест“ е средба на пеачи - аматери, која има за цел да ја негува македонската изворна и новосоздадена песна, со натпреварувачки карактер.
• Организатор и реализатор на „Профест“ е Општинаската установа Домот на културата „Злетовски рудар“ - Пробиштип.
2. Учество на натпреварот
• На натпреварот се учествува со една изворна или новосоздадена песна.
• Натпреварувачите можат да настапат како солисти или во дует.
• На натпреварот не е дозволено учество лица кои професионално се занимаваат со пеење.
3. Пријавување и тек на натпреварот
• Пријавувањето се врши преку Центрите и Домовите на култура, други институции и поединци најдоцна до 10.11.2014 година.
• Учеството е со една композиција (соло или во дует)
• Учесниците на натпреварот ги придружува фестивалскиот оркестар при Домот на културата и се должни пред настапот да одржат најмалку две проби.
• Натпреварот го следи 3 члена комисија.
• Гласањето е од публиката присутна во салата и жири комисијата.
• Наградите ги обезбедува организаторот
• Првонаградената песна од стручното жири, ќе има можност да учествува на Фолк Фест Валандово следната година.
4. Завршни одредби
• Учесниците во Пробиштип треба да пристигнат на денот на натпреварувањето до 10 часот, каде што следува проба со оркестарот.
• Пријавените учесници кои нема да одржат проба со оркестарот, нема да земат учество на натпреварот.
• Трошоците за учество на Фестивалот се на товар на учесникот, односно институцијата која го испраќа натпреварувачот.
• Секој учесник треба да уплати 1.000 денари котизација на жиро сметка 757101022778713, приходно конто 723419 програма К2.
• Уплатницете со 1.000 денари треба да се приложат најдоцна до 12 часот на денот на одржување на фестивалот, во спротивно ќе бидат дисквалификувани и нема да настапат на фестивалот.
Пријавувањето и сите подетални или нејасни работи во врска со фестивалот на телефонскиот број 078/ 718 – 959 Стефан.
36 - от РЕПУБЛИЧКИ ФЕСТИВАЛ НА ПЕАЧИ АМАТЕРИ „ПРОФЕСТ“ 2014 Пробиштип ќе се одржи на 14.11.2014 година во Пробиштип со почеток во 19:00 часот.