Во текот на оваа недела регистрирани се два смртни случаи асоцирани со грип, информира Институтот за јавно здравје на Република Македонија, кој денеска го објави извештајот за состојбата со грип за периодот од 1 до 8 јануари.
Во извештајот се наведува дека станува збор за деца на возраст од 3 и 4 години од Кичево и Гостивар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести – Скопје на Одделот за интензивна нега.
Во текот на првата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 8.067 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што претставува намалување од 14,9 отсто во споредба со минатата недела кога беа пријавени 9.485 случаи.