Сакам уште еден мандат, оти Пробиштип е во силна развојна фаза
Дали Пробиштип продолжува да живее само од оловото и од цинкот? Што значат за идниот развој двете нови индустриски зони и фактот дека во нив дваесетина бизнисмени веќе градат производствени капацитети? Зошто мораше да се чекаат педесет години за жителите да можат, конечно, да пијат чиста вода? Како градот ќе се справува со големата еколошка бомба речиси во самиот центар? На овие и други прашања разговараме со Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
Како денес би ја опишале општината со која управувате повеќе од три години?
Општина Пробиштип е во редот на средни општини во државата со 16.400 жители од кои 12.000 живеат во градот, а 2.000 во втората по големина населба Злетово, која некогаш беше самостојна општина. И на мое задоволство, ние сме општина со најбрзорастечка економија, секако, според нашата големина. Во исто време, во изминатите три и пол години реализиравме многу инвестиции со кои животот во градот стана побогат. Денес Пробиштип брзо се урбанизира, а селата добија пристојни сообраќајни врски со градот и нови водоводи.
Неодамна поставивте камен-темелник на филтер-станицата. Пробиштип беше еден од оние градови во кои квалитетот на водата за пиење не беше на потребното ниво. Кога граѓаните ќе добиваат вода од филтерницата?
Станува збор за проект од животна важност. Во нејзината изградба вложуваме 1,4 милиони евра. Благодарни сме и' на јапонската банка за техничка соработка „Џајка“, која ни даде 800.000 евра поволен кредит, како и на владата на Словенија, која не' поддржа со грант од 480.000 евра, а ние кон сето тоа придодадовме уште 120.000 евра од буџетот. Филтер-станицата ќе биде најмодерна во Европа, а нејзината изградба ќе заврши во втората половина на декември.
Кога во 2009 година бевте избран за градоначалник, во првото интервју за нашиот весник кажавте дека сте исправени пред големи финансиски проблеми, како блокирана сметка и слично. Како денес стоите со тоа?
Во 2009 година бевме меѓу десетте најнеразвиени општини во Македонија. Сметката ни беше блокирана за 72 милиона денари, што беше еднакво на три тогашни буџети. За овие три и пол години сметката ја деблокиравме и Општината ја трансформиравме во општина со голем развоен потенцијал. Тука, пред се', мислам на економијата, а минатата година влеговме во втората фаза од децентрализација.
Што има од тоа Општината, градот, жителите?
Имаат урбано многу посреден и поубав град. Во изминатите три и пол години асфалтиравме над 50 километри локални патишта и улици, сите села се поврзани со добра патна инфраструктура, поставивме над 500 економични светилки и од темен град Пробиштип го претворивме во мал Париз со квалитетна ноќна илуминација. Изградивме две спортски сали и фудбалско игралиште, пет километри тротоари, многу паркови и зеленило... Многумина кои подолго од три години не биле во Пробиштип ни велат дека тоа веќе не е истиот град. Како градоначалник сум многу задоволен од таа нова слика на мојот град.
Пред една година објавивте дека на бизнисмените со идеи им нудите две индустриски зони кои сами, со свои средства си ги уредивте. Тргнаа ли работите таму?
Двете зони се на вкупно 20 хектари и во нив дваесетина бизнисмени купија локации за своите капацитети. Тие се од дрвната индустрија, индустријата за преработки на земјоделски производи, сушарници, текстилни капацитети, прехранбената индустрија. Бизнисмените се задоволни од можноста која им ја обезбедивме за малку пари да добијат големи можности. Општината ќе ќари од тоа, ќе се вработат луѓе.
Станавте прв град во Македонија во кој има аквапарк. Што значи оваа инвестиција за Пробиштип?
Аквапаркот е приватна инвестиција. Преку лето, секој викенд, аквапаркот го посетуваат над 5.000 гости. Пробиштип живна, а корист имаат и локалните трговци и угостители. Секако дека аквапаркот, на еден посебен начин, влезе во новата историја на градот. Нашата филозофија е на секој што има идеја да му овозможиме да ја реализира.
Пробиштип е соочен со голема еколошка бомба. Тоа е старата јаловишна депонија на 55 хектари која е речиси во центарот на градот. Имате ли решение за овој проблем?
Да, тоа е наш најголем проблем. Моментно работиме на две можни решенија. Едното е да го покриеме тој простор со земја и на него да никне парк, а другото е да го слушнеме ставот на странските компании од Германија, Кина, Англија и Чешка, кои сакаат да ја стават оваа депонија во економска функција и од неа да вадат метали кои таму ги има многу. Тоа би било работа за 250 лица, нови финансиски бенефиции за општината и би го решило економскиот аспект на проблемот. Наскоро ќе одлучиме за што сме, ама е сигурно дека ќе има решение.
По сето ова, ќе барате ли нов мандат?
Мислам дека со својата креативност и енергија придонесов многу за развојот на градот и Општината. Но, за тоа одлучува мојата партија ВМРО-ДПМНЕ. Сакам уште еден мандат, бидејќи имам уште проекти од значење за Пробиштип што би сакал да ги реализирам.
извор - www.utrinski.mk автор - Иван Бојаџиски