При подготвителни работи за рестартирање на пробиштипскиот рудник Злетово во селото Добрево, полесно е повреден 52 годишен рудар. Здравствениот дом во Пробиштип на 15 август во 21 часот и 45 минути пријавил дека при работа во јама повреден е 52 годишниот Б.Д. од Злетово, кој е хоспитализиран во штипската болница, а потоа и скопскиот Клинички центар. Лекарот констатирал лесна повреда, односно скршеница на прст на раката, по што е пуштен на домашно лекување.
Државниот инспектор за рударство вели дека рударот е повреден при подготвителните работи за рестартирање на рудникот. Камен паднал врз алатот со кој работел со што се здобил со полесни повреди.
52 годишниот рудар е дел од рударите кои се ангажирани од новиот концесионер и сопственик бугарски Минстрој. Рудникот Злетово се очекува официјално да биде рестартиран на 28-ми август, на Денот на рударите, по што ќе следи и рестартирање на рудникот Тораница во Злетово.
Околу 800 рудари на почетокот на овој месец ги добија платите од стечајната маса, а сега ќе следи и исплата на останатите доверители.