Големи се можностите нашата држава да го збогати својот економски потенцијал со отворање на нов рудник за злато, бакар и други благородни метали. Како што сега стојат работите во отворање на рудникот кој го носи името „Златица – Плавица“, (според името на локалитетот на кој се наоѓа) и кој зафаќа територија на две општини, Кратово и Пробиштип, ќе инвестираат австралиската компанија „Генезис ресурсис“ и кратовски РИК „Силекс“ кој ја има концесијата за геолошки истражувања на споменатиот терен.
Васил Ристов, управител на „Силекс неметали“ вели дека постојат реални и големи можности една приказна која датира од времето пред римскиот период да ја доживее својата реализација преку отворање на рудник според најновите светски стандарди.
„Во 1976 година РИК ’Силекс‘ од Кратово ги превзема геолошките истражувања на регионот ’Златица – Плавица‘ каде на утврдување на рудните резерви работи се' до 1990 година. Во тој период ’Силекс‘ изврши над сто дупчења со вкупна должина од 3.500 метри“, вели управителот Ристов. Комбинатот извршил и флотациски испитувања за искористување на бакарната руда како доминантна, но и на златото, цинкот, оловото, среброто и други ретки метали. „Силекс“ и англиската компанија „Рио Тинто“ од Бирмингем, вложиле многу пари и извршија најобемни геолошки истражувања и тоа не само во регионот на „Златица – Плавица“ туку и пошироко. „Треба да се каже дека РИК ’Силекс‘ имаше концесија за геолошки истражувања на простор од 110 квадратни километри кој зафаќа територии на општините Кратово, Пробиштип, Свети Николе и мал дел на општина Куманово“, вели Ристов.
Но, распадот на Југославија, проследен и со големиот пад на цената на металите на светската берза, беа причина за подолга пауза во геолошките истражувања. Сепак, кратовскиот комбинат не го става ад акта ова прашање туку во континуитет бара странски компании кои имаат финансиска моќ и кои би посакале заедно да го финансираат отворањето на новиот рудник.
Според Ристов, „Силекс“ и „Рио Тинто“ имаат извршено авиогравиметриско снимање, имаат направено геохемиски и за првпат мултимедијални индексни карти за кратовско – злетовската вулканска област. Приказната продолжува по воениот конфликт во 2001 година, кога во геолошките истражни работи, со свој капитал и стручен тим се вклучува и компанијата „Еуро минералс“ од Лондон. Сепак, извршените истражувања не биле доволни за да се изготви елаборат за рудните резерви од кој може да се види дали отворањето на рудникот може да биде профитабилна работа, а кој елаборат е услов да се бара концесија за експлоатација на рудниот потенцијал.
„Во 2010 година ’Силекс‘ склучи договор со ’Генезис ресурсис‘, која во Македонија формира своја фирма ќерка. Со оваа компанија се направени досега најсеопфатните истраги и се извршени дупчења на 60.000 метри должни. Од добиените резултати може да се заклучи дека постои добра основа за изработка на елаборат за рудните резерви и за изработка на целокупната потребна документација за добивање концесија за експлоатација со што би се тргнало во реализација на отворање на новиот рудник“, нагласува Ристов.
Во моментов, според нашиот соговорник, се работи на оформување на рудното тело на Плавица кое се состои од две зони – оксидна и сулфурна. Во „Златица“ е утврдена содржина на злато од 0,15 до 4 грама по тон сурова руда што е погодно за економска експлоатација. Содржината на бакар е од 0,16 проценти па нагоре што, со оглед на цените на светската берза на овој метал исто така гарантира профитабилност.
Душко Николовски, поранешен генерален директор на рудникот „Злетово“ во Пробиштип, а сегашен декан на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романовиќ Державин“ во Свети Николе - Битола, вели дека „Златица“ го добила името по доминацијата на златоносната руда додека „Плавица“ е именувана по плавата боја која ја има бакарот. Истражувања се вршени уште во 1927 година, концесијата ја имале Англичани, а во подоцнежниот период приоритет е даден на „Плавица“.
„Станува збор за две посебни микро локации кои претставуваат една целина. Посериозни истражувања се вршени од 1950 до 1965 година и од 1980 – 1990 година. Во овие истражни периоди е констатирано дека двата локалитета поседуваат квалитетни рудни резерви при што позначајна концентрација може да се очекува на бакар, злато, сребро, олово и цинк. Комплексно гледано се работи за подрачје кое има економска оправданост за отворање на рудник. Секако дека таму се потребни дополнителни истражувања“, вели Николовски. Тој додава дека на „Плавица“ има отворено рудно лежиште, истото е заокружено со рударско-геолошки работи и со мали вложувања таму може да се тргне во експлоатација. „Во периодот 1980 – 1990 година изградена е цела инфраструктура со пристапни патишта и рударски објекти, а знам дека годишниот капацитет на овој локалитет е 200.000 тони сурова руда“, вели Николовски.
http://utrinski.mk/default.asp?ItemID=B63DFF8F0E5C2245AE61D160502C51AE